понеделник, 2 февруари 2026
По брифингот на ОЈО ГОКК

Едно судење за „Пулс“ ја чини државата околу 150 илјади евра, Шилегов бара да се преиспита обвинението

На почетокот на денешното рочиште во судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одбраната на дел од обвинетите побара Јавното обвинителство да ја преиспита основаноста за нивно гонење и постапката да биде запрена, повикувајќи се на неодамнешната одлука на ОЈО ГОКК за запирање на истражната постапка против седум полициски службеници.

Објавено на

часот

Сподели

Барањето беше образложено со минатонеделниот брифинг на ОЈО ГОКК, со кој беше соопштено дека за дел од полициските службеници нема основ за кривично гонење за делото Тешки дела против општата безбедност.

Бранителот на обвинетиот Шефкет Хазари од Министерството за економија, адвокатот Петре Шилегов, пред почетокот на рочиштето побара Судот да ја има предвид одлуката на ОЈО ГОКК и, поради целисходност и економичност на постапката, Јавното обвинителство повторно да ги преиспита околностите за гонење на дел од обвинетите.

Тој нагласи дека, според неговото мислење, за дел од сега обвинетите постојат основи за поистоветување со лицата за кои постапката е запрена.

„Обвинителството има контрадикторни ставови за ист настан и исти околности кога станува збор за службени лица. Со ваков пристап, исходот е извесен. Наместо да продолжуваме, поцелисходно е Обвинителството да се преиспита. Едно судење ја чини државата околу 150 илјади евра, па сериозно треба да се разгледа и економичноста на постапката“, изјави Шилегов, најавувајќи дека ќе достави копија од брифингот.

Судијката Дијана Груевска Илиевска која го води процесот, потврди дека Судот е запознаен со брифингот и дека побарал официјална одлука, но нагласи дека постапката не може да биде запрена сè додека надлежното Јавно обвинителство формално не се изјасни.

„Судот се интересираше за содржината на брифингот, но додека нема официјален став од Обвинителството во овој предмет, судењето мора да продолжи“, рече таа.

Јавниот обвинител Борче Јанев истакна дека Обвинителството сè уште не ги добило официјалните одлуки од ОЈО ГОКК за запирање на постапката против полициските службеници, нагласувајќи дека тие одлуки подлежат на оцена од повисоките обвинителства и дека, со оглед на краткиот рок, не се конечни.

„Обвинителниот акт што е предмет на ова судење не опфаќа полициски службеници. Денеска сме во судница по одобрен и стапен во сила обвинителен акт. ЈО ги нема одлуките од ОЈО ГОКК, па нема ниту увид дали во нив се наведени оштетени лица и причините за настанатата штета“, изјави Јанев.

На брифинг одржан на 30 јануари, предметниот јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при ОЈО ГОКК информираше дека по спроведени истражни постапки, во кои биле опфатени 27 полициски службеници, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен обвинителен акт против 13 полициски службеници, додека за уште седум е донесена наредба за запирање на истражната постапка.

Како што беше соопштено, во истрагата било утврдено дека дејствијата што им се ставаат на товар на овие полициски службеници се однесуваат на периодот од 2012 до 2022 година, при што надлежноста на специјализираното одделение постои од ноември 2018 година. Предмет на кривично-правна оцена биле само дејствијата од 2019 до 2022 година, додека останатите биле отстапени на надлежно постапување во ОЈО Кочани.

За време на настап на групата ДНК, на 16 март 2025 година, во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Дискотеката со години работела без исполнување на минимално-техничките услови и без соодветна противпожарна заштита.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ