недела, 15 јуни 2025

Две бронзи за Македонија на олимпијадата по хемија Менделеев во Бразил

Две бронзени медали освои македонскиот тим на најпрестижната и најтешката олимпијада по хемија – „Менделеев“ што се одржува во Бело Хоризонте, Бразил. Марио Ванчоски од штипската гимназија „Славчо Стојменски“ и Петар Мирчевски од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп освоија бронзени медали, објави Умно.мк.

Објавено на

часот

Сподели

Тимот го сочинуваат и Иван Костевски и Даниел Христов од „Славчо Стојменски“ од Штип и Теона Ана Георгиевска и Елена Живаљевиќ од „Јахја Кемал“ од Скопје. Ментор на учениците е проф. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и член на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, научно здружение што го организира македонското учество на натпреварот.

На 59. Меѓународна олимпијада „Менделеев“ учествуваа 192 натпреварувачи од 39 држави од целиот свет. Учеството на нашиот тим овој натпревар го помогнаа руската амбасада во Скопје и амбасадорот Сергеј Баздникин и компанијата „Лукоил“.

Според Буклески, Менделеевата олимпијада е најстарата и најпрестижна меѓународна олимпијада по хемија. Теоретските и експерименталните проблеми ги составуваат врвни професори и научници од престижни универзитети.

„Најчесто станува збор за комплексни и комплицирани задачи од актуелни проблеми во науката. Олимпијадата се состои од три дела. Два теоретски и еден експериментален, а секој од нив трае по 5 часа. Улогата на менторот-водич е да обезбеди добар превод на задачите за учениците да можат без проблеми да одговорат на барањата. Често тоа е мошне тешка задача особено ако земеме предвид дека преводите се во текот на целата ноќ“, објаснува Буклески.

Подготовките олимпијадата почнуваат со почетокот на школската година и траат до почетокот на олимпијадата. Во подготовките на учениците, учествуваат професори и асистенти од Институтот за хемија (Владимир Петрушевски, Слоботка Алексовска, Марина Стефова, Јасмина Петреска-Станоева и Миха Буклески, Ивона Софрониевска, Леон Стојанов и Маринела Ветановска), но и студенти на Институтот за хемија, кои се поранешни олимпијци (Михаил Трајков, Дарко Стојчев, Марија Петровска). Во подготовките се вклучува и поранешен натпреварувач кој е студент на постдипломски студии на универзитетот во Бон, Германија и Филип Бојаџиевски, студент на ФЕИТ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ