Во име на НЛБ банка, документот го потпишаа м-р Дејан Маџовски, директор на сектор за човечки ресурси и Елизабета Саздовска, помошник директор, додека Хајделберг Факултет беше претставен од м-р Даниела Стефаноска, директорка и проф. д-р Улрих Цајтел, претседател на Одборот на директори.
Со овој меморандум се отвораат нови можности за студентите, можност за практична настава во рамки на реномирана банка, работа на реални проекти и директно менторство од докажани експерти од финансискиот сектор.
„Партнерството со НЛБ банка е голем чекор напред во визијата за градење на образовен модел кој ги подготвува студентите за реалниот свет. Нашата цел е да креираме генерации подготвени да се вклучат во современиот пазар на труд уште за време на студиите“, изјави проф. д-р Улрих Цајтел.
Хајделберг факултет е прв во земјата кој системски го воведе концептот на дуално образование – со комбинирање на академско знаење и професионална пракса. Преку оваа соработка, студентите ќе имаат уникатна можност да учат и работат истовремено, градејќи релевантни вештини и искуство во текот на целиот тригодишен циклус.
Како што беше нагласено на настанот, факултетот е под супервизија на Универзитетот Провадис од Франкфурт и веќе е акредитиран како партнер за германски додипломски студии во регионот на Западен Балкан.
Од НЛБ банка нагласуваат дека ваквото партнерство е дел од нивната долгорочна стратегија за поддршка на младите и развој на талентирани кадри. „Инвестирањето во образованието е инвестиција во иднината – а токму со овој модел, го скратуваме јазот меѓу теоријата и праксата,“ велат од банката.
Соработката предвидува вклучување на студенти во активни проекти, менторирање, како и можност за кариера во рамки на НЛБ уште од прва студиска година.