Од таму додаваат дека вкупно 6.209 водни птици се избројани во Дојран, а како и во изминатите години, најзастапени се лиските, галебите и кормораните и по нив по бројност следуваат разни видови нуркачи и патки.
Зимскиот цензус или пребројувањето на водните птици, што се спроведува на меѓународно ниво, секоја година се реализира на трите природни езера во Македонија – Дојранското, Преспанското и Охридското Езеро.
„Македонското еколошко друштво го координира и спроведува пребројувањето во земјата од 2010 година наваму, а ова беше 17-то по ред во Македонија како дел од глобалната програма, што веќе 60 години се реализира во 189 земји и територии“, вели за МИА, Данка Узунова, орнитолог и проектен координатор во Македонското еколошко друштво.
Во процесот учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA), Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција.
Во последните пет години бројката и застапеноста на видовите птици што презимуваат на Дојранското Езеро варирала со послаб интензитет за разлика од другите две езера, а најчести фактори поради кои се случуваат промените, според сознанијата на еколозите од МЕД, се промени на нивото на водата, присуството на ловџии на водни птици, како и наглите локални климатски промени.
„При годинешното пребројување, како и во претходните години, повторно забележавме промени во крајбрежјето на северозападниот дел од Дојранското Езеро. Таму се случува зафаќање на земјиштето во непосредната близина на водата, кое потоа се претвора во земјоделска површина. Овие активности најчесто подразбираат сечење на трската покрај крајбрежјето, која служи за засолниште и гнездилиште за многу видови птици и за други животни, што може да влијае на водните живеалишта“, вели Узунова.
Оваа година пребројувањето го извршиле десетмина научници и орнитолози, како и волонтери и членови на Македонското еколошко друштво. Интересот за учество од година на година расте, што е охрабрувачки и важен показател дека оваа теренска работа се препознава и вреднува – смета Узунова.
„Оваа активност на меѓународно ниво во својата суштина е волонтерска и претставува добар пример за граѓанска наука. Иако станува збор за стандардизирана научна методологија, нејзиното спроведување во голема мера се потпира и на вклученоста на волонтери и луѓе што сакаат активно да придонесат. Во текот на овој процес работевме поделени во два тима, така што искусните членови ги водеа набљудувањата и идентификацијата на видовите, а другите активно учествуваа во бележењето и поддршката на работата. Тоа создава динамика во која секој учи, но и придонесува“, нагласува Узунова.
Годинава на овие три езера беа попишани над 35.300 единки од 44 разни видови водни птици. Важноста на пописот на водните птици, според еколозите, е во тоа што претставува корисна алатка за да се детектираат промени во состојбата на водните подрачја поради губење живеалишта, промена во водните режими, загадување и климатски промени за да може да се даде рано предупредување за влошување на состојбата на водните живеалишта, а со тоа и на биодиверзитетот.






