Гледано низ бројки може да се стекне впечаток дека средношколците во Македонија имаат голем избор за високообразовна надградба, или со прагматичен жаргон кажано – многу места каде што можат да добијат дипломи. Вистинскиот предизвик што се наметнува пред секоја академска година е – колку од оваа широка високообразовна понуда е гаранција за студентите дека ќе се стекнат со квалитетно знаење за вистинско позиционирање на пазарот на трудот (во земјава, а сè повеќе и во странство), да остварат кариера и развој во професијата што ја избрале, а притоа и солидна материјална егзистенција.
Од друга страна поголемата понуда на високообразовни установи од бројката на средни училишта, создава впечаток на некоординираност и непропорционалност меѓу средното и високото образование. Како интересен факт од регистрите на образовните институции, забележливо е дека речиси сите универзитети имаат правни факултети, односно моментално во Македонија има понуда за студирање на 13 правни факултети, а претходно биле18.
„Факт е дека имаме многу повеќе високообразовни установи од средни училишта, а тоа е непропорционалност што се провлекува со години во македонскиот образовен систем. Притоа, проблемот што се создава е што квалитетот на образованието и знаењето што го стекнуваат студентите опаѓа. Но и бројноста на факултетите можеби и не е толкав проблем, колку што е бројноста на студиските програми. Бројката од над 1300 студиски програми во високото образование во Македонија е своевиден феномен. Мислам дека и во поголеми држави нема толку студиски програми“, вели Солза Грчева, координаторка во Владата за реформи во високото образование.
Коренот на овој проблем, Грчева, и самата универзитетска професорка го согледува во злоупотребата на автономијата на универзитетот, односно потфрлање кога се доаѓа до делот на одговорноста на универзитетските професори во универзитетската автономија, што е вградено во актуелниот Закон за високо образование, а се покажува како дефект.

„Секој професор што напредува во универзитетската кариера, отвора или нов предмет, или дури нова насока. Па така на техничките факултети, на пример за електротехника, имаме неколку предмети за менаџмент, па дури и насока. Но тоа, професорите го прават за да ги исполнат критериумите што им се поставуваат со Законот за високо образование за да напредуваат до редовен професор. А проблемот со злоупотребата на автономијата на универзитетот се случува во делот што универзитетите сами си создаваат правила и критериуми за напредување на професорите. На пример, различен е критериумот за објавување стручни трудови на УКИМ и УГД во Штип. На еден универзитет критериум се три стручни труда, на другиот – еден. Не е спорна универзитетската автономија, во делот на организирањето на наставата и научната работа, но мора да постојат национални стандарди во однос на критериумите за напредување на професорите. Ние имаме еден парадокс, на факултети каде сите се редовни професори. Во ЕУ, па и на универзитетите во светот, многу универзитетски наставници кариерите ги завршуваат како доценти и не стигнуваат до редовни професори. Праксата е еден редовен професор на катедра“, вели професорката и координаторка за реформи во високото образование, Солза Грчева.
Во контекст на критериумите за напредување на професорите на факултетите, социологот и универзитетски професор, Илија Ацески, во одредена смисла ги потврдува сознанијата на Грчева, но и за проблемот со бројноста на студиските групи.
„Работите во високото образование се така поставени, што од професорите практично не се бара никаква одговорност. Речиси сите брзо стигнуваат до статусот редовен професор и потоа немаат никаква обврска да следат што се случува, односно да ги следат трендовите на развој во својата научна област. Образовните власти ( министерството, Владата), немаат механизми како тоа да го следат и регулираат. Грубо кажано, 50 отсто од професорите ништо не работат. Ако погледнете на веб-страната на УКИМ, барем на Филозофски факултет, последните 7-8 години, речиси да нема пријавено никаков научен труд. Потоа, го имаме и тој тренд, еден професор да држи по десетина предмети, односно се креираат ( да не речам – ‘измислуваат’) предмети и студиски групи, за кои студентите добиваат тотално неприменливи дипломи. Жал ми е што морам да кажам, но на тој начин се упропастени илјадници студенти во повеќе генерации“, хиперреално ги изнесува своите согледувања професорот Ацески, од децениската кариера на универзитетски професор на катедрата по социологија, при Филозофскиот факултет. Тој смета дека не постои елементарна соработка меѓу средното и високото образование, а во програмите на двете нивоа на образование не забележува следење на актуелните научни трендови, кои се неопходни да им се пренесат на новите генерации.
Според професорката Солза Грчева, резултатите од реформите во образованието нема да се видат веднаш, но тие мораат да започнат веднаш. Веќе се работи на нов закон за високо образование, постои една нацрт-верзија, но таа смета дека тоа премногу е комплексен закон за да се брза со негово донесување.
„Битно е да имаме добар закон со строги критериуми за напредување на професорите. Поразително е што дури ни УКИМ не е веќе меѓу 2000-те универзитети на Шангајската листа. При оценувањето и категоризацијата на универзитетите, најмногу се гледа научната дејност. А токму во научната дејност имаме најголем застој, особено во општествените науки, каде има голем отпор за воведување критериуми за напредување со објавување на научни трудови во списанија со импакт-фактор. Најголема научна активност има на Медицинскиот факултет, Природно-математичкиот и на техничките факултети, но пак немаме доволно средства ( односно ограничени сме) да им доделиме на овие факултети за поинтензивна дејност. Освен тоа, со нацрт-законот за високо образование се предвидуваат построги критериуми на Одборот за акредитација и евалуација за акредитирање на факултети и студиски програми. Бројноста на студиските програми говори дека досегашните критериуми биле многу лабави“, вели професорката Грчева.
Како предизвик за образованието во актуелново време, а и во блиската иднина, сè повеќе се наметнува вештачката интелигенција. Во традиционалните концепти на образование, вештачката интелигенција или се игнорира, или се гледа како „закана“, но неспорно е дека е алатка „измислена“ за ученици (студенти) на кои им се потребни „брзи решенија“, без многу труд и напор за сопствената „природна“ интелигенција.
„Во образовен систем, каде за некои предмети од општествените науки се користат учебници од пред 30 години, вештачката интелигенција може да изгледа како закана. Во секој случај, имаме две насоки како опции на воведувањето на вештачката интелигенција во образованието. Едната насока – целосно да се ‘укине’ логичкото и креативно размислување при изучување на образовната материја и втората насока – да се користи вештачката интелигенција како алатка која ќе помогне во учењето и осознавањето на светот. Некако сум повеќе уверен дека ќе се соочиме со првата опција“, резервирано скептичен е професорот – социолог Илија Ацески.
Јасминка Павловска






