„Ова не е СДСМ, ова не е мојата партија, ова е срам кој ѝ го нанесуваат поединци. Кои се аргументите и доказите за мојата наводна соработка со политичкиот опонент?“, запраша Деспотовски, додавајќи дека нема намера да дозволи нарушување на неговиот личен и политички интегритет.
Според Деспотовски, случувањата кои деновиве излегоа во јавноста не се одраз на вистинската идејна матрица на СДСМ, туку последица на дејствување на поединци кои, како што вели, моментално имаат контрола врз партијата.
Сепак, тој потврди дека е во комуникација со поранешниот скопски градоначалник Шилегов, со експартискиот функционер Игор Ивановски и со поранешниот геренеален секретар Андреј Петров кои се незадоволни од рбаотата на Филипче и неофицијално од нив може да се очекува формирање на нова партија.
СДСМ викендов излезе со обвинувања дека Деспотовски бил уценуван или пак, работи за ВМРО-ДПМНЕ со цел дестабилизација на партијата од внатре откако тој на неколку медиуми излезе со став дека поединци поради лични интереси ја имаат узурпирано партијата и дека лошо со комуницира со јавноста.
Деспотовски негира каква било уцена од власта поради можно инкриминирачко работење додека бил директор на две големи државни фирми ФИТР и ТИРЗ. Иако критикува, вели сега е време за обединување во СДСМ.
Тој оцени дека наместо да се надминуваат несогласувањата, внатрешните поделби само се продлабочуваат. И повеќе од една година по парламентарните избори, рече тој, партијата сè уште не успева да го „среди сопствениот дом“.
„Наместо да градиме јасен политички фронт кон власта, ние копаме ровови меѓу себе. Реакциите и на јавноста и на членството го покажуваат истото – партијата не е обединета“, порача Деспотовски.
Филипче подолг период тврди дека владејачката партија преку нивни членови се обидува да ја дестабилизира СДСМ одвнатре бидјеќи секојдневно ги објавуваат нивните криминали. Претходно, вакви обвинувања тој имаше и за поранешните градоначалници од редовите на СДСМ, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ.






