„Интервенцијата е отежната бидејќи пожарот зафатил голема површина. Се вложуваат максимални напори за да се стави ситуацијата под контрола“, пишува во објавата на фејсбук страницата на ЦУК.
Во пожарот помеѓу село Блаце и село Чучер зафатена е мешана шума и ниска вегетација. За негово гаснење од утрово во пет часот ангажирани се два полициски хеликоптера, еден армиски хеликоптер, како и три возила на Дирекцијата за заштита и спасување – еден хермелин со цистерна, еден пинцгауер на и едно теренско возило „амарок”, дејствуваат како поддршка на скопската Бригада за противпожарна заштита Скопје (БППЗ) која со повеќе пожарникари и возила го гаси големиот пожар на отворен простор на територијата на општина Чучер Сандево над магистралниот пат Скопје – Блаце, кој изби вчера во попладневните часови.
Како што изјави утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, најверојатна причина за пожарот во оштина Чучер Сандево е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување.
„Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати“, апелира Ангелов.






