„Ние сме отворени да соработуваме со сите партии, меѓу нив е и ДУИ. Коалицирањата ќе бидат ‘тејлор мејд’ во околностите кои треба да бидат бирани кандидатите. Принципиелните позиции кои што би ги договориле не биле доведени во прашање, не би имале проблем СДСМ да коалицира со Али Ахмети. Искусен политичар е Али Ахмети, доста искусен. Тој збор мислам дека многу кажува. Тој има навистина големо искуство во политиката и вешто ги брани интересите на луѓето кои ги застапува“, изјави Чупеска.
Во декември минатата година претседателот на СДСМ, Венко Филипчеоцени дека коалицијата со ДУИ во изминатите години сериозно ја оштетила позицијата на неговата партија. Тој потенцираше дека вредностите ќе бидат најважна основа за идните коалиции, нагласувајќи дека ваквите грешки нема да се повторат.
„Бевме сервилни кон нашите коалициски партнери, а тие ја злоупотребија нашата широчина. Не вреди да се остане во влада или да се одржи владата некој период подолго, а притоа сериозно да биде оштетена нашата позиција“, рече Филипче за „научените лекции од минатото“, кои веќе ги „имплементира во новиот пристап на партијата“.
„Да, ДУИ на некој начин ја трошеше и во значаен дел ја потроши СДСМ како дел од власта. Тоа не е само моја констатација, туку е дел од многу сериозна анализа која што ја направивме“, изјави претседателот на СДСМ. Филипче истакна дека партијата повеќе нема да прави компромиси кои би ја загрозиле нејзината иднина и принципите што ги застапува. Вредностите и интересите на граѓаните ќе бидат основата за секоја идна коалиција. „Секоја идна коалиција ќе ја градиме врз основа на вредносните политики. Вакви компромиси, кои сериозно го оштетија нашиот интегритет, нема да се повторат“, нагласи тој.