„Очекуваме дека ќе биде избран оператор кој ќе ги опслужува сите центри во Македонија, сите 37 установи. Се бара да бидат постојано ангажирани 60 лица од компанијата која ќе ги обезбедува нашите објекти. Со тоа го одржуваме она ветување кое го дадовме до центрите кои се соочуваат реално со разни ситуации, кога со граѓани кои имаат постојано потреба од нашите услуги, се случуваат инциденти. Таков еден инцидент, за жал се случи токму во Центарот за социјални работи во Прилеп. Деновиве ќе ја имаме компанијата во евалуација, а потоа очекуваме и договори и за еден месец би имале финален договор со самата компанија која ќе биде избрана“, рече Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади при неодамнешната посета на Прилеп, нс отворањето на новата градинка во прилепската населба Точила.
Пукањето во прилепскиот центар за социјални работи на 24 март, годинава, кога прилепчанец влезе со пиштол во просториите на институцијата, рани социјална работничка и беа загрозени животите на другите вработени, ја забрза постапката за решавање на безбедносната состојба.
Според Зоран Малкоски, директор на Центарот за социјални работи во Прилеп, со обезбедувањето сите ќе се чувствуваат посигурно.
„Ќе ја видиме на крајот и фирмата која ќе биде избрана како најповолна. Јас сум убеден дека ќе се чувствуваме колку-толку побезбедно кога ќе знаеме дека некој ќе врши селекција на странките, или да има овластување, а кое ние го немаме, во однос на тоа кој што носи и ќе се дозволува влегување во канцеларии исклучиво со покани за разговор. И покрај тоа центрите за социјална работа, според мене, се најдосапни за граѓаните и треба така да биде, зашто доаѓаат категории на луѓе со најразлични проблеми. По ваквите збиднувања сега се увиде потребата дека навистина веќе никој никаде не е безбеден во делот на својата работа. Сакам моите колеги да се чувствуваат безбедно во осумте часа на работното место и убеден сум дека ова ќе придонесе кон наша поголема безбедност, сигурност на работното место“, вели Малкоски.
Во прилепскиот центар, голем дел од вработените изминатиот период користеа боледувања по препорака на психијатар и психолог, но работните задачи, велат од Центарот се одвивале непречено.
„Во изминатиот период од месец и половина, најголемите последици ги почувствува колешката што беше ранета и се опоравува, а дел од колегите по препорака на психијатар и психолог користеа подолготрајни боледувања. Постепено се консолидираме и непречено на граѓаните им ги нудиме сите услуги“, заклучува Малкоски.
Вооружаниот инцидент во прилепскиот центар за социјални работи се случи на 24 март. Според прилепското Основно јавно обвинителство, за случајот сѐ уште е во тек истражната постапка и не е покренато обвинението. Осомничениот прилепчанец е во притвор.