вторник, 8 јули 2025

Бугарија во ЕУ ја „воскреснува“ непостојната УДБА од распаднатата Југославија

Вчерашното одложување на гласањето на европскиот извештај за Македонија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), од страна на европратеникот известувач Томас Вајц, но под притисок на бугарските европарламентарци, во медиумите во Бугарија ја активираше повторно паранојата од некогашната југословенска тајна служба – УДБА.

Објавено на

часот

Сподели

Иако Југославија како држава со формат на федерација од шест републики и две покраини не постои веќе 35 години, а УДБА е укината речиси 20 години пред распадот, бугарските медиуми, т.е. агенцијата БГНЕС, понудата на еврокомесарката Марта Кос за олеснувач во евентуален македонско-бугарски дијалог за билатералното прашање поставено како услов во македонскиоте евроинтеграции – ја протолкува како „задача“ на Кос од непостојната југословенска тајна служба.

„Скандалозното однесување на комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во последните месеци ги оживеа долгогодишните сомнежи за нејзините врски со југословенската државна безбедност – УДБА. Прашањата околу нејзината личност повторно доаѓаат до израз, откако таа демонстрира целосна неспособност – или можеби неподготвеност – да го заштити паневропскиот интерес во Западен Балкан.

Покрај тоа, Кос ги повторува целосно и некритички антиевропските наративи на политичката елита во Скопјe, што ја става во подредена положба дури и на лидери од трета класа како што е Христијан Мицкоски. Во однос на Северна Македонија, комесарката не само што го брани европскиот консензус од 2022 година, туку директно ја усвои и реториката на скопските политичари за таканаречената ‘билатерализација’ или ‘билатерален проблем’ со Бугарија – недозволива позиција за европски комесар, што е директно кршење на интересите што мора да ги заштити, се вели во текстот на БГНЕС, насловен „’Билатералниот неуспех’ на Марта Кос – замена на европската позиција во служба на странски интереси“.

Понатаму во „аргументирањето“ за „југословенското минато“ на актуелната комесарка на ЕУ за проширување, Марта Кос (која е од Словенија), бугарскиот медиум се повикува и на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Дополнителен удар врз нејзиниот авторитет беше исмејуван од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја нарече ‘папагал’. Од неговите зборови стана јасно дека Кос зборувала едно во Брисел, а сосема друго – тивко и некарактерно – во Белград, кога двајцата се сретнале насамо. Поранешната десна рака на диктаторот Милошевиќ (Вучиќ) ги триеше рацете во расправијата, гледајќи што се случува јужно од Србија, пишува комнтаророт на БГНЕС.

Сепак, главниот мотив на бугарскиот медиум за „копање“ по југословенскиот период од животот на еврокомесарката Кос и според нив, „неминовни врски“ со УДБА е понудата за посредништво за надминување на билатералните пречки што Бугарија ѝ ги поставува на Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

„Пред одложеното гласање за извештајот за Северна Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц, во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Марта Кос му кажа на истиот комитет дека Европската комисијата бара начини за поедноставување на процедурите во процесот на пристапување кон блокот, аргументирајќи ја опасноста „билатералните спорови“ да влијаат на процесот. Таа дури и си дозволи да ги понуди своите услуги во „дијалогот“ меѓу Скопјe и Софија.

‘Ова не е билатерален спор, туку се заклучоци на Советот на ЕУ од 2022 година и преговорачката рамка’, одговори европратеникот Андреј Ковачев (ГЕРБ/ЕПП), нагласувајќи дека властите во Скопјe го губат скапоценото време на своите граѓани затоа што одбиваат да ги исполнат своите обврски. ‘Вие многу добро знаете дека ова не е билатерален спор’, рече тој, обраќајќи се кон Кос.

Пратеникот Ивајло Валчев (ECR/ITN) изрази збунетост од тоа како премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, веќе следниот ден дознал и коментирал за амандман во извештајот за напредокот на Скопјe, предложен во писмена форма од негова страна, се наведува во текстот на БГНЕС.

Со апсурдна логичка еквилибристика, но добро извежбана во бугарската политичка мисла кога станува збор за Македонија,  понатаму во текстот се „докажува“ дека всушност Бугарија со блокадата на македонските евроинтеграции, „херојски“ ја штити ЕУ од  моќта на непостојната тајна служба на непостојната држава.

„Уште во септември минатата година, голем број европски медиуми ги доведоа во прашање квалитетите на Кос за да ја преземе функцијата. Загрижувачки податоци за нејзиното минато им открија на нејзините сонародници – политичари од Словенија, државата со најмногу агенти на УДБА по глава на жител во историјата.

Еуроњуз потоа откри дека многу европратеници, благо речено, биле загрижени за можноста соработник на тајната полиција да преземе толку клучна функција. Во меѓувреме, Политико следеше како Кос систематски избегнува прашања за нејзината можна врска со УДБА и ја заобиколува темата. Таа самата тврдеше дека УДБА била распуштена уште во 1966 година, иако историските извори укажуваат на фактот дека тогаш едноставно била преименувана, но продолжила да функционира со не помалку бруталност. Да не заборавиме дека по распадот на Југославија, остатоците од УДБА станаа клучна алатка на српскиот хегемонизам, оставајќи длабок отпечаток врз политичкиот живот во Србија, Македонија и целиот регион на Западен Балкан дури и во новиот век, се заклучува во анализата на информираниот бугарски медиум, каде покрај сета информираност сепак не се сетиле да го поврзат презимето на еврокомесарката Кос, со претходничката на службата УДБА, која се нарекувала – КОС (Контраобавештајна служба).

И така во политичкиот апсурд, секоја аналогија е дозволена!

Ј.П.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ