вторник, 15 јули 2025

Божиновска: Најдобро е проектите како Чебрен да бидат наши, македонски

Формиравме работна група во Министерството, кој работеше неколку месеци и изработи предлог. Тој предлог кажува дека овие капацитети, како Чебрен и Галиште, е најубаво да се наши, македонски, ние да го имаме овој потенцијал бидејќи тој е над 300 MW електрична енергија. Тоа ќе биде проект не само за производство за електрична енергија, туку ќе се користи и за наводнување и за туризам, што значи еден сериозен проект, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во синоќешното интервју за Македонската радио телевизија (МРТ).

Објавено на

часот

Сподели

Според министерката, анализите на експертите покажале дека ваков проект ќе чини најмалку 1 милијарда евра, во кој се предвидува изградба на брана од 190 метри и е еден комплексен проект кој би се градел 7-8 години. Божиновска потсети дека во изминатите декади се спроведени 14 неуспешни тендери за изградба на Чебрен.

Во изминатиот период во повеќе наврати од Владата изјавија дека ги истражуваат можните начини за финансирање на овој капитален проект, а од минатата недела истиот е дел и од листата на проекти кои би се финансирале преку договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
„Го донесовме Законот за енергетика. Тој е нов закон усогласен со европските стандарди. Тоа ќе значи многу бенефит и за граѓаните, исто така, тоа ќе значи сигурност за инвеститорите. Ќе имаат многу подобности. Прв пат се воведува енергетска сиромаштија, ќе има граѓански заедници, за првпат се воведуваат батериите односно системи за складирање на електрична енергија, воведуваме и е-мобилност“, вели Божиновска.

Во законот, како што посочи министерката, за прв пат се воведува енергетската сиромаштија со што се воведуваат мерки за помош на ранливите категории на граѓани.

Божиновска во интервјуто потенцира дека наследиле катастрофална состојба во енергетскиот систем, појаснувајќи дека се работи за „седум години негрижа за енергетските капацитети“ поради што, како што рече изминатата година работеле на консолидација на енергетскиот систем.

„Менаџментот се потруди многу за да ги направи ремонтите за да имаме стабилно снабдување со електрична енергија. Сега приоритетите ни се да го зголемиме производството и секако да го намалиме увозот, а понатаму бидејќи сме земја на сонцето, имаме многу сончеви денови, сакаме да станеме извозник и на електрична енергија“, изјави Божиновска.

Собранието во текот на минатиот месец го усвои Законот за енергетика кој Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го подготвуваше подолг временски период низ инклузивен и транспарентен процес заедно со сите засегнати страни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ