сабота, 21 јуни 2025
Интервју

Бојаџиев: Наша работа е да помогнеме во создавање на подобри личности за подобро општество

Професорот Марјан Бојаџиев е еден од основачите на Универзитетот Американ колеџ во Скопје. Годинава се навршуваат 20 години од формирањето на УАКС. Денешните генерации не знаат дека Скопје беше меѓународен универзитетски центар, со многу студенти од странство. Потоа дојде распаѓањето на Југославија, општиот пад на стандардот и сето тоа придонесе да станеме длабока образовна провинција. Тоа беше и идеја-водилка на Американ колеџ – да понудиме врвно меѓународно образование дома, вели Бојаџиев.

Објавено на

часот

Сподели

Универзитетот Американ колеџ Скопје годинава одбележува 20 години од формирањето. Вие сте дел од овој универзитет уште од самиот почеток. Како гледате на оваа годишнина од денешна перспектива?

-Ова беше фантастично патување. Во претприемништвото, тоа го нарекуваме Corridor Principle, влегуваме во темен неосветлен ходник, и секоја врата која ќе ја отвориме отвора сосема нова перспектива, перспектива која била за нас непозната пред да ја отвориме вратата. Во тој контекст, би споменал некои прекрасни моменти и личности кои го обликуваа УАКС ваков каков што е денес. На почеток би ја споменал поддршката од основачите за мојот претприемачки предлог да ја започнеме иницијативата. Потоа, би го споменал Д-р Емил Ѓоргов, нашиот прв академски координатор кој беше автор на првиот елаборат за основање на ВОУ. Потоа, би ја издвоил средбата со проф. Биро Гашпар, нашиот прв ректор, професор на еден од врвните светски универзитети,  Eötvös Loránd University. Тој беше еден од врвните светски авторитети од областа на човековите права, а прифати да биде наш ректор. Како продолжување на тие врски со Унгарија, денес сум јас и почесен конзул на оваа пријателска земја во Македонија.

Би сакал да го  споменам и професор Злат Миловановиќ кој долги години беше наш проректор за развој и меѓународна соработка. Денес, неговото семејство, сопругата Џилиан и ќерките Ана и Александра, формираа фондација која овозможува меѓународни активности на студентите. И, се разбира, мораме да одвоиме место за некои од нашите колеги основоположници: Викторија Еремеева и Мишко Ралев, кои ги поставија камен темелите на Факултетот за архитектура и дизајн, Евгени Зографски кој го одржа првиот час на МБА програмата, нашите први декани Никица Мојсовска-Блажевски, Ѓорѓи Јованчевски и Анета Јовевска и, се разбира, поранешниот ректор, проф. д-р Томе Неновски.

Несомнено, морам да ја споменам и колешката со која дваесет години делиме добро и зло на УАКС,  која е од самите почетоци на оваа наша институција, а денес проректор, Венера Крлиу.

Ќе ми простат сите оние кои во оваа прилика нема да ги споменам, но тие добро знаат дека се вградени во она што е УАКС денес.

Каква е улогата на личноста, семејството и образованието во изградбата на еден академски лидер?

-Мојата поврзаност со академската сфера е дел од мојот хабитус, дел од моето детство и растење. Од десет браќа и сестри во генерацијата на моите родители, половината беа универзитетски професори: тројца медицинари, еден економист, еден филолог. Во тој контекст е интересна и една случка од 1981 година. Татко ми, покоен проф. Илија Бојаџиев, по кого денес се вика Одделот за имунологија, беше во Комисија за одбрана на специјалистички труд по педијатрија на една кандидатка од Кувајт, заедно со проф. Вулнет Старова и проф. Никола Софијанов. Интересно е што кандидатката ги имаше поминато сите турнуси во Ирска, а дојде да брани специјалистички испит во Скопје.

По одбраната, во неформален разговор, еден член на Комисијата заинтересирано праша: Дали можете да ни објасните зошто ја поминавте цела специјализација во Даблин, а дојдовте да браните испит во Скопје? Kандидатката одговори: Знаете, не се сите од Кувајт доволно богати. Да бев на специјализација во Скопје, ќе морав самата да си ги подмирувам трошоците. Во Ирска специјализирав, но и работев како лекар, па дури и заработив. Но, одбраната на испитот чинеше 15.000 германски марки, а во Скопје, само 1.500. Затоа дојдов. Затоа што е поевтино, а сепак е ова европска диплома.

Европска диплома! Денешните генерации не знаат дека Скопје беше меѓународен универзитетски центар, со многу студенти од странство. Потоа дојде распаѓањето на Југославија, општиот пад на стандардот и сето тоа придонесе да станеме длабока образовна провинција.

Тоа беше и идеја-водилка на Американ колеџ – да понудиме врвно меѓународно образование дома, по пристапни цени. Затоа, денес, мисијата на УАКС е „3I“ -International professors and students; International accreditation и International curricula and teaching materials.

Како би ги оцениле врските на УАКС со заедницата? Како во тој контекст би ја оцениле позицијата на УАКС?

-Знаете како велат, „за танго се потребни двајца”.  Од првиот ден ние инсистиравме на врски со деловната заедница. Имавме обезбедени пракси за студентите кога тоа не беше задолжително. Секогаш бевме отворени за предлози од деловната заедница околу дизајнирање на нови наставни програми.

Од друга страна, и ние како УАКС активно придонесувавме во професионални и цивилни здруженија. Јас сум долги години активен во коморските активности, со тоа што во последниве пет години бев член на Собранието и на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија. Но, тоа е продолжение на моите активности од 90-те години, кога бев претседател на Асоцијацијата на штедилници во рамки на Стопанската комора.

Потоа, во периодот 2007-2009 бев потпретседател на Американската Стопанска комора во Македонија – AMCHAM.

Но, и многу други колеги се активни во слични асоцијации, како на пример проф. Мишко Ралев во Здружение на архитекти, проф. Ана Томовска е член на Одборот на Македонската асоцијација за човечки ресурси и проф. Марјан Петрески, кој е член на Советот на НБРСМ.  Тука би згрешил ако не ја споменам и Сандра Грујевска, шеф на Центарот за кариера на УАКС.

Велите дека вашата мисија се базира на т.н. 3И. Како во тој контекст би ја оцениле сегашната меѓународна позиција на УАКС? Дали е УАКС меѓународно акредитиран?

УАКС е единствен универзитет со меѓународна акредитација во државата. Горди сме на акредитацијата од Акредитацискиот совет за деловни школи и програми   (ACBSP). Следна значајна меѓународна акредитација е ACCA од Обединетото Кралство, Акредитација за сметководство и ревизија. Трета акредитација која е во тек е процесот на ASIIN – Глобално тело за акредитација базирано во Германија. Со оваа акредитација ќе бидеме прв и единствен факултет за компјутерски науки во државата со меѓународна акредитација.

Какво е вашето професионално мислење за односот професор – студент?

-Тука имам две чисти поенти. Идеален професор е оној кој има значајно животно и работно искуство и, згора на тоа, академски достигнувања. Имав среќа во 2008-ма и 2009-та година да добијам стипендија за да одам на Harvard Business School и да следам професионална обука за participant centered learning. Станува збор за филозофија на одржување на час во која учесникот е во центарот на вниманието. Потоа успеавме преку Европската фондација за претприемништво (EFER) да сертифицираме дури 16 професори. Но, сите ние ги обучувавме и другите наши колеги, така што сметам дека ова стана доминантна едукативна филозофија на УАКС.

Па, дури и на Тор Вергата во Рим, имам чест да им предавам на докторандите, токму на тема „Effective Teaching Strategies.”

Кога говориме за меѓународната соработка, каква е вашата соработка со  универзитети во странство?

– Горди сме на меѓународните договори кои ги имаме. Покрај бројните Еразмус договори, имаме неколку договори за „двојна диплома“. Би ги издвоил договорите со Rennes School of Business од Франција во областа на дигитален маркетинг, како и Università Cattolica del Sacro Cuore од Милано, Италија, во делот на политички науки.

Сепак, врв на оваа соработка е Универзитетот Тор Вергата во Рим. Имаме двојна диплома од областа на бизнис администрација и економија, на која се примаат само 15 студенти. Но тие 15 студенти не плаќаат ништо дополнително од аспект на школарина во Рим. Тоа е ексклузивна можност за нашите најдобри студенти да се стекнат со диплома од Тор Вергата. Да потсетам, Тор Вергата е рангиран во врвните, први 500 универзитети и според Шангај, но и според QS и Times Higher Education. Како релативно нов универзитет, тој е рангиран во ТОП 50 универзитети помлади од 50 години. Досега повеќе од 100 македонски студенти ја поминаа оваа програма, а околу половина се стекнаа со двојната диплома.

Освен преку наставата и студентите, ние со Тор Вергата соработуваме и на научно поле, со тоа што развиваме и заеднички истражувачки проекти. Тим предводен од проф. Лука Гнан од Тор Вергата, инаку поранешен претседател на Европската академија за менаџмент, до сега публикуваше неколку трудови и две книги од областа на менаџментот. Од УАКС учествувавме: Ана Томовска, Миодрага Стефановска, Ивона Милева и, се разбира, јас.

Кога говориме за Тор Вергата, би истакнале дека таму предавам веќе десетта година и тоа на сите три циклуси на студии. Имав и привилегија да ми биде доверен целосен развој на нови предмети, како на пример  Strategic Entrepreneurial Behavior во 2018 -та година. Морам да ја споменам и проф. Илијана Петровска од УАКС, која е, исто така, многу успешен предавач таму од областа на маркетингот, со одлични евалуации.

Што би додале како посебно значајно во делот на меѓународната соработка?

-Мислам дека во овој сегмент можеме да додадеме уште два интересни факти за Американ колеџ. УАКС има договори за соработка со седум универзитети, рангирани во ТОП 500, во Белград, Будимпешта, Мастрихт, Рим, Aхен и Париз. Во последниот случај се работи за Dauphine Paris, кој е сега дел од PSL Paris и од минатата година со  City University New York -универзитет каде што предавал Алберт Ајнштајн.

Соработуваме и со универзитети од Азија, пред сé во  Индија. Овде би додал дека УАКС активно учествува и во евалуација на други универзитети и школи. Јас сум евалуатор за АЦБСП од 2016 – та година, а од оваа година тој ранг ќе го добијат и колешките Снежана Христова и Ивона Милева.

Честопати се говори – организацијата се нејзините луѓе. Каков е вашиот став по ова прашање?

-Не се разбирам премногу во фудбал, но велат дека најдобрите тимови се оние кои имаат своја школа. Горд сум што на УАКС изградивме култура на градење на кадар. Мислам дека 80% од сегашниот професорски кадар израснал на УАКС. Но, дававме целосна поддршка во неколку форми: финансии за докторати надвор од УАКС; годишен план за професионален развој; поттикнување за научно-истражувачка дејност и работа на проекти.

Според мене, тоа е амалгамот што создаде квалитет. Денес УАКС има 11.780 цитати со само 70 професори. Со индекс од 168 цитати по професор, тој е рангиран како трет универзитет според ефикасноста.

Но, УАКС се и колегите кои работат во нашата администрација. Искрен да бидам, мислам дека имаме врвен тим на координатори во студентски прашања, кои се секогаш на располагање на студентите: од упис и избор на концентрација, па сѐ до нивното дипломирање.

Тимот за вмрежување се издигна на ниво на професионална агенција, тимот за финансии е врвен, а исто и останатите колеги: академски координатор, библиотека и службите за поддршка. Сѐ на сѐ – врвен тим. И, скоро сите завршиле барем еден циклус на Американ колеџ, односно се УАКС алумни.

Покрај цитирањата, дали може развојот на кадрите на УАКС да се види и на друг начин?

-Можеби добра илустрација на квалитетот на УАКС се наградите. Навистина ги имаме добиено многу. Ќе ги споменам само најзначајните: Иван Додовски, награда  „Гоце Делчев“, Венера Крлиу, награда „Мајка Тереза“, Марјан Петрески, Млад научник на годината (МАНУ), Никица Мојсовска, Викторија Атанасовска Новески, и Стефан Таневски, сите поединечно ја имаат добиено Годишната награда за млади истражувачи на НБРСМ, Томе Неновски (Професор Емеритус), награда 23 октомври за долгогодишни остварувања за Република Македонија во областа на науката и образованието, Викторија Еремееева, „13 Ноември“, и архитектонски награди: Тони Васиќ, Прва награда за графикана ДЛУМ; Виолета Бакалчев, Сашо Блажевски: 2007 UNDP и други.

Јас бев почестен со орденот „Витез на ѕвездата на Италија“, што е високо престижна награда и исклучителна почест доделена од претседателот на Република Италија.

На крајот, би споменал и дека од 2017 – та година имам чест да ја обавувам должноста  Почесен конзул на Унгарија! Тоа е на некој начин продолжување на соработката со Унгарија, која отпочна  со нашиот прв ректор, Биро Гашпар.

Дали можете да ни кажете која е вашата мисија во животот?

– Професурата е благородна дејност. Позната е онаа изрека „to teach is to touch other people’s lives”. Тоа е вистинска привилегија. Наша работа е да помогнеме во создавање на добри личности, кои ќе создаваат подобри организации, и така, сите заедно, ќе создаваме подобро општество. И нема подобра награда од тоа кога ќе почувствувате дека сте ги допреле тие чисти души и сте оставиле трага, сте повлијаеле на нивните животи.

За мене една од најголемите награди е кога студентите на Тор Вергата, група од преку 100 студенти од Италија, Германија, Франција, Македонија, Кина, Индија, Бразил и други земји, на крајот на предметот ве испрати со громогласен аплауз. Или пак, кога ќе добиете пенкало со посветено „ To the coolest professor”. За мене една од најголемите награди е кога на улиците на Скопје ќе ме сретне поранешен студент и ќе дојде да ме поздрави, праша за здравје, каже каде работи и дека би сакал да соработува на кој било начин.

Тоа се знаци дека сме оставиле мал печат на универзумот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ