четврток, 10 јули 2025

Блокада и протест против изградба на мали хидроцентрали на реката Дошница

Утре ќе се одржи протест на граѓаните кај излетничкото место Смрдлива Вода, Гевгелија против изградбата на мали хидроцентрали на реката Дошница. Најаваено е дека од утре секој ден од 6 до 18 часот ќе се блокира локалниот пат. Голем протест е најавен за в недела во 11 часот.

Објавено на

часот

Сподели

Во недопрената природа на Кожуф планина, над Смрдлива Вода, се планира изградба на две мали хидроцентрали на реката Дошница, една од најчистите и недопрените реки во Македонија.

Овие хидроцентрали, иако административно спаѓаат под Општина Кавадарци, ќе имаат директно негативно влијание врз снабдувањето со вода, живиот свет и природните ресурси во Гевгелија, Демир Капија, Неготино, Росоман и пошироко. Сите пиеме вода од истата планина, Кожуф, велат организаторите на протестот.

„Конска Река (Гевгелија) веќе е пресушена. Под закана се и Кранска, Крива, Тополка, Каменичка, Брајчино, Бачишка и многу други планински реки. Дали ќе дозволиме Дошница да биде следната?

Ние, граѓани, активисти, еколошки организации, планинари и заштитници на природата, решително се спротивставуваме на изградбата на мали хидроцентрали (МХЕ) на реката Дошница и нејзините притоки. Овој проект го загрозува екосистемот и снабдувањето со питка вода, уништува економски, културни и рекреативни вредности, спротивен е на националните и меѓународните закони за заштита на природата.

Бараме итно и трајно стопирање на проектите за МХЕ на Дошница. Почитување на Еспо и Бернската конвенција. Бараме отворање на документацијата и вистинска јавна расправа. Не ги прифаќаме ‘зелените’ лаги и злоупотребата на европски субвенции што се користат како параван за алчни концесии под изговор на ‘одржлива енергија’, а само ни ги сушат реките, ни ги касапат планините и ни ја крадат иднината.
Овие мали хидроцентрали произведуваат занемарливо малку струја, а за возврат го убиваат целиот екосистем. Поткрепено со многу примери во Македонија според еколошките студии, речиси сите мали хидроцентрали во земјава ја пресушуваат реката во деловите каде се поставени! Ова не е развој, ова е крајно неразумно расфрлање со ограничените ресурси со кои располагаме како држава и од кои ни зависи животот во неа. Македонија има ограничени ресурси на питка вода, со многу мали водотеци и климатска ранливост. Секое одвлекување на вода преку цевководи значи ризик од губење на уште еден извор на чиста вода и за нас и за сите следни генерации.

Во Дошница живеат ендемски видови риби и инсекти, меѓу кои и автохтоната македонска пчела (Apis mellifera macedonica) – еколошко богатство што може да го изгубиме засекогаш. Затоа Дошница не ја даваме! Питката, чиста вода не ја даваме“, велат организаторите на протестите: граѓанските иницијативи Зелена народна стража, Спас за Дошница, Спас за Прилеп, Млади за Македонија, Точак клуб Гевгелија, За почиста Македонија, Yes for Less, Аква фортис, МК-СИРК (Македонски студенти за истражување и развој од космосот), здруженија и активисти од Тиквешијата, од Гевгелиско-валандовскиот регион и еко-активисти од цела Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ