Суџубаши е на чело на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје од 2017 година, а неговиот мандат лани беше продолжен за нови две години. Во текот на неговото раководење, Халкбанк ја зацврсти својата позиција на македонскиот банкарски пазар и се етаблираше како растечки и стабилен бренд што ја реализира својата глобална визија преку понуда на иновативни производи и услуги, паралелно со континуирано зголемување на довербата од страна на клиентите, што е најголемиот показател за успешноста.
Кога Суџубаши застана на чело на банката, на крајот на 2016 година активата на Халкбанк изнесуваше 582 милиони евра, а 2024 година банката ја заврши со актива од 1.852 милиони евра како резултат на органски раст, зголемена деловна активност и силна доверба на пазарот. Халкбанк денес е една од системски значајните банки во земјата која чекор по чекор се приближува до трите најголеми банки.
Банката изминатите години бележеше постојан раст на депозитната база и на кредитирањето, остварувајќи значајни профити. 2024 година банката ја заврши со кредитно портфолио од 1,17 милијарди евра што е за речиси 170 милиони евра повеќе од 2023, депозитна база од 1,325 милијарди евра, што е раст од 241 милиони евра и остварена нето добивката од над 30 милиони евра.
Халкбанк како предводник во дигитализацијата на банкарскиот сектор во земјава, во изминативе години посвети големо внимание и на воведување услуги базирани на новите технологии и меѓу првите воведе низа дигитални производи и иновации.
Халкбанк е и прв избор за новоформирани компании, препознатлива по својата иновативност и лидерска позиција во воведување нови услуги.
Под водство на Суџубаши, банката посвети и сериозно големо внимание на општествената одговорност и поддршка на заедницата, станувајќи препознаена како еко ориентирана институција и како банка која придонесува за отворање и решавање на низа општествени и социјални теми. Но, најважно од се, Халкбанк под неговото раководство стана препознаена како бренд и компанија која се води и функционира во согласност со својот слоган – важни се луѓето.






