понеделник, 9 јуни 2025

Армискиот полигон Криволак – домаќин на НАТО-вежбата „Брз одговор 25“ од 26 мај до 9 јуни

Унапредување на регионалната безбедност, зајакнување на подготвеноста на НАТО како и поддршка на одбранбените планови на Алијансата е целта на мултинационалната вежба „Брз одговор 25“ (Immediate Response 25), која од 26 мај до 9 јуни ќе се одржи на армискиот полигонот Криволак.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираше денеска началникот на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оваа вежба е една од најголемите досега во државава во која ќе учествуваат околу 2.200 војници од седум НАТО-земји и две партнерски.

„Вежбата меѓу другото има цел да ја подобри интероперабилноста меѓу сојузничите и партнерските сили како и заедничко дејствување во сложени услови и брза реакција на силите во источниот дел на Европа“, истакна Лафчиски.

Кодиректорот на вежбата, потполковник Ристо Стоев појасни дека сценариото на вежбата, која е дел од серијалот на вежби „Бранител 25“ (Defender 25)  е демонстрирање на безбедносните способности и зајакнување на сајбер одбраната преку реализација на мултинационални боеви гаѓања, сајбер вежба, премин преку река и АБХО-вежби. Нагласи дека вежбата ќе ги потврди капацитетите и умешноста за организирање и координација на големи вежби заедно со другите армии на НАТО.

На вежбата на АП Криволак ќе учествуваат Македонија со 950 припадници на Армијата, САД со 710, Црна Гора со 185 учесници, Косово со 150, Австрија со 70, Грција – 50, Албанија  -30, Италија – 30 и Обединетото Кралство со двајца учесници.

Сите единици ќе користат своја формациска опрема, а како позначајни ќе бидат тенковите „леопард“, борбените хеликоптери „AH-64 APACHE“, транспортни медицински хеликопртери „лек хок“ (Blek hawk), инженериско возило „хаски“, минофрлачи 120 милиметри, транспортен хеликоптер „ми 8/17“ и оклопни возила JLTV i HMMWV. На вежбата ќе се користи стандардна маневарска и боева пешадиска и артилериска муниција.

Во рамки на вежбата, односно пред официјалниот почеток, на 23, 24 и 25 мај, воените оркестри на Армијата на Македонија и САД ќе одржат концерти во Штип, Битола и Скопје, а отворен ден за граѓаните со приказ на опрема од вежбата ќе се одржи на 1 јуни во Кавадарци. Денот за високи гости ќе се одржи на 2 јуни кога ќе се реализира вежбата „Засилен пешадиски баталјон во напад“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ