понеделник, 15 декември 2025

Армијата на Македонија доби нова артилериска опрема и воружување според НАТО – стандардите

Го зајакнуваме одбранбениот капацитет, ја модернизираме својата армија и јасно покажуваме дека знаеме да вложуваме одговорно, стратешки и во интерес на безбедноста на своите граѓани,  порача денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски при промоцијата на новата артилериска опрема и вооружување во прилепската касарна „Мирче Ацев“. Набавката е резултат на договорот помеѓу Македонија и Турција.

Објавено на

часот

Сподели

„Силата на една држава се гледа токму во способноста да го заштити својот суверенитет, да го гарантира својот мир и да стои цврсто кога е предизвикана. Без безбедност, нема стабилен развој. Без силна одбрана, нема трајна стабилност. Нашата армија со оваа опрема не само што ќе биде помоќна, туку и покоординирана, попрецизна и поусогласена со НАТО стандардите. Нема повеќе импровизации, нема повеќе застарена опрема и декларативна поддршка. Има реални инвестиции, има план, има стратегија. Има волја и одговорност. Со оваа набавка, ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците. Македонија која се грижи за своите војници, која ја почитува својата Армија и која знае дека силна Армија значи сигурен народ“, рече Мицкоски на промоцијата во прилепската касарна.

Во рамките на првиот договор, се набавени и веќе испорачани шест хаубици – моќни артилериски системи кои ќе го засилат капацитетот на Армијата. Заедно со нив е предвидена и набавка на муниција со зголемен дострел, чија испорака и исплата се планирани во текот на 2026 година. Со вториот договор е обезбедена набавка на опрема за хаубиците – системи за комуникација и контрола на оган, кои значително ќе ја зголемат огнената моќ и прецизноста на дејствувањето на македонските единици.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски нагласи дека безбедноста е столб на една нација. Преку 30 проценти од буџетот на Министерството за одбрана е за модернизација на Армијата.

„Оваа нова опрема која е дел од вооружувањето на артирелискиот баталјон, шест хаубици ‘боран’, влијае на сериозно зголемување на борбената готовност на Армијата и нејзината способност да ја гарантира безбедноста на Македонија и сигурноста на македонските граѓани. Опремата е произведена во Турција, според највисоките НАТО-стандарди. Набавката на опремата преку договорот ‘влада со влада’ дава јасна порака дека ние имаме огромна доверба во високиот квалитет на производите од турската военатанаменска индустрија“, рече Мисајловски.

Според амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, постои уште поголем потенцијал во одбранбената индустрија и соработката.

„Посетата на Истанбул во февруари оваа година на премиерот кој оствари средба со нашиот почитуван претседател и потпишаната заедничка политичка деркларација за формирање  Виш совет за стратешка соработка ги подигна односите помеѓу нашите земји на ниво на стратешко партнерство“, рече амбасадорот Улусој.

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал мајор Сашко Лавчански истакна дека модернизацијата на Армијата ќе продолжи, а Македонија е единствена земја во Европа што ја поседува оваа опрема.

„Нашиот партнер, Република Турција, повторно ја потврди нивната несебична, искрена и братска поддршка, со решителност да работиме заедно, да го градиме и да го јакнеме партнерството кое со години ни донесе многу придобивки. Со набавката на хаубиците со калибар 105 милиметри, започнува реализацијата на една од клучните компоненти во рамки на проектот ‘Опрема и муниција за индиректна огнена поддршка’, рече генерал мајор Лавчиски.

На свеченоста беше разгледана новата артилериска опрема. Турскиот амбасадор од АРМ доби и соодветно признание – орден за соработката. Турција донира и преку 130 шатори, а ќе стигнат и над 3.900 борбени комплети, опрема за војската, а се договараат и други возила.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ