Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради уништување на нивните природни живеалишта, градежна експанзија и недостиг на храна. Тоа не е причина за паника – туку јасен показател дека животните се обидуваат да опстанат“, велат од Анима Мунди.
Од здружението посочуваат дека лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои избегнуваат контакт со луѓе. „Во многу светски метрополи како Лондон, Берлин и Торонто, лисиците се веќе дел од урбаната дива фауна и сосема мирно коегзистираат со луѓето“, додаваат тие.
Анима Мунди ги советува граѓаните: да не се обидуваат да бркаат, фаќаат или хранат лисица, да не оставаат остатоци од храна или отворени канти за отпад, кои ги привлекуваат овие животни, при прошетка со миленици – да ги држат на поводник и да останат смирени, бидејќи лисицата ќе се повлече, да пријават повредена или залутана лисица до надлежните служби.
„Наместо да ја доживуваме појавата на лисици како закана, време е да ја разбереме како повик на природата да ја преиспитаме нашата урбана експанзија и влијание“, потенцираат од Анима Мунди.
„Нека незнаењето не биде извор на ирационален страв и агресија, туку повик на свесност и сочувство.“
Во изјава за Анима Мунди, и Македонското Еколошко Друштво (МЕД) потврдува дека лисиците се редовни жители на Водно и околните населби како Жданец, Козле и Нерези. „Забележувањето на мајка со млади е знак за здрава и стабилна популација. Нивното присуство често е поврзано со несоодветно управување со органски отпад во урбаните средини“, велат од МЕД.
Анима Мунди завршува со повик: „Да бидеме град што живее во хармонија со природата. Тоа е доблест, а не слабост.“