понеделник, 22 декември 2025

Амбасадорката на САД во Македонија, Агелер меѓу триесетината отповикани амбасадори од претседателот Трамп

Амбасадорката Анџела Агелер е меѓу дипломатите од кариера кои се отповикани како дел од неодамнешната одлука на претседателот Доналд Трамп која опфати смена на околу 30 амбасадори на САД.

Објавено на

часот

Сподели

„Длабоко сме ѝ благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во  Македонија во изминатите три години и посветени сме на обезбедување непречена и ефективна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и нашите дипломатски односи“, се вели во изјавата на амбасадата за МИА.

Амбасадата нагласува дека ќе продолжи да работи нормално во текот на овој процес.

Како што претходно пренесе МИА, администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, менува 30 дипломати од кариера од амбасадорски и други позиции во амбасадите.

Стејт департментот не го коментираше конкретниот број на персонал или амбасадори на кои се однесува ова, но соопшти дека се работи за стандарден процес во секоја администрација. Како што е соопштено, амбасадорот е „личен претставник на претседателот и право на претседателот е да осигура дека во овие земји има поединци кои ја унапредуваат неговата агенда ’Америка на прво место‘“.

Најмногу погодена од смените е Африка, каде се повлечени амбасадорите од 13 земји – Бурунди, Камерун, Зеленортските Острови, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.

На второ место е Азија со промени на амбасадорите во шест земји – Фиџи, Лаос, Маршалските Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.

Во Европа, смени ќе има во Ерменија, Македонија, Црна Гора и Словачка.

Во Алжир и Египет исто така ќе бидат отповикани актуелните амбасадори на САД, а од Јужна и Централна Азија заминуваат амбасадорите во Непал и Шри Ланка, како и во западната хемисфера – во Гватемала и Суринам.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ