Понудата за преземање, објавена на 11 септември 2025 година, се однесува на сите акционери кои поседуваат акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.
Алта банка АД Белград, понудата за преземање ја објави согласно добиеното решение за издавање дозвола за понуда за преземање од Комисијата за хартии од вредност на Македонија од 10 септември и добиената претходна согласност од Народната банка на Македонија за стекнување на капитален дел од од акциите во Стопанска банка АД Битола.
„Оваа интеграција ќе донесе значајни придобивки за македонскиот пазар и ќе придонесе за развој на локалната економија“, изјави д-р Давор Мацура, претседател на Управниот одбор на Алта банка.
Претседателот на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола, Александра Радевска, изјави:

„Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола ја доби понудата за преземање и Проспектот за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград. Согласно стратешките цели на Алта банка АД Белград, како што е предвидено во јавно објавениот проспект, оваа инвестиција ќе влијае за понатамошен развој и унапредување на работењето на Стопанска банка АД Битола.
Доколку процесот успешно се заврши, верувам дека искуството и експертизата на Алта банка ќе придонесат за натамошно унапредување на квалитетот на услугите што ги нудиме, особено во сегментите на иновации, дигитализација и стратешка поддршка на клиентите”, изјави Радевска.
Алта банка е значаен финансиски актер во регионот и се очекува дека и во Македонија ќе настапи одговорно и домаќински – со целосно почитување на пазарните специфичности, потребите на клиентите и регулаторната рамка. Доколку оваа инвестиција се реализира ќе претставува значаен чекор кон регионално поврзување, зачувување на континуитетот и отворање простор за иновации и нови развојни можности.
Со оваа стратешка соработка, Македонија ќе стане значаен дел од мрежата на Алта банка – мрежа која ја обликува иднината на банкарството во регионот, соопшти Стопанска банка Битола.






