За Ахмети овие негови барања се дел од неговите толкувања на Охридскиот рамковен договор, тие не се националистички и се дел од мерките за зајакнување на мултиетничноста на државата.
„Ова не е штетно решение, а ќе донесе поголема стабилност на државата и функционирање на мултиетничката држава. Рамковниот договор не беше совршен, и во неговиот дух е зајакнувањето на унитарноста на државата. Ние сме легалисти и имаме предлог кој лесно може да помине. Не се пазариме поради тоа што го имаме Бадентер”, рече Ахмети.
Тој потсети дека Албанците се државотворен народ во Македонија и не смеат да бидат потценети. „Македонските партии не треба да се залажуваат со албански партии вазали, кои не нудат одржливи решенија. Тие може да се прифатливи за македонските партии во одредени моменти, но се многу штетни за државата“, смета Ахмети.
Предвремените избори се и натаму дел од неговата работа во наредниот период. Но, како тоа ќе го постигне, Ахмети не кажа.
За можниот негов последен мандат како претседател на партијата, Ахмети вели дека бил помлад од Трамп и дека како капетан бродот треба да го напушти кога ќе стигне до брегот, а брегот, според него, не е на Илинденска број 2.






