четврток, 29 мај 2025

80-години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје денеска организира чествување по повод Денот на македонскиот јазик и 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе се обрати на Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, којашто под нејзино покровителство ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Објавено на

часот

Сподели

На Институтот за македонски јазик ќе се обратат директорката проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, дописен член на МАНУ.

Според агендата, предвиден е настап на музичкото трио „Trio Gentlemen“ со изведба на композициите „Јовано, Јованке“ и „Тајно моја“, како и рецитал на учениците Саша Димитриевска од ОУ „Гоце Делчев“ – Скопје со „Кога ја љубев Дениција“ од Петре М.Андреевски и Нина Ламева од ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје со „Нашинска“ од Гане Тодоровски.

Во МАНУ на свечената академија ќе се обратат и претседателот на МАНУ Живко Попов, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска. На овој значаен настан ќе присуствуваат македонисти, професори, академици, пратеници, министри, претставници на верските заедници и претставници на дипломатскиот кор.

На свеченоста ќе настапи камерниот женски хор „Св. Злата Мегленска“ и ќе биде поставена изложбата „Азбука“ на македонскиот академски сликар Сергеј Андреевски. Ќе биде презентирана и кратка најава на документарниот филм со наслов „Аз, буки, веди“, кој е направен во соработка со ПСУ „Јахја Кемал“ – Тетово.

На 5 мај 1945 година е објавена и озваничена македонската азбука со Решение за македонската азбука. Кодификацијата на македонскиот јазик е направена со Одлука на АСНОМ на 2 август 1944 година. Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а на 7 јуни истата година е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик и наука за јазикот, Блаже Конески: Граматиката на македонскиот јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, со што се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ