Дезинформациите што се постираат низ медиумите прават многу поголема штета во врска со вакцинацијата кај децата, отколку што се корисни. Тие имаат многу големо влијание за родителите да се мислат дали е правилно нивното дете да прими вакцина, па ја одложуваат вакцинацијата. Можеби не секогаш ја одбиваат, но сигурно дека ја одложуваат, особено таа за МРП. Има случаи кога првата доза се прима на една година, а втората доза се дава на шест години и тоа е голема дискрепанција. Овој факт ни го потврдија и родителите чии деца сѐ уште не се вакцинирани со вакцината за морбили, рубеола и паротитис (МРП).
„Гледаме видеа, постојано ги има на социјалните мрежи. Се вели дека детето пред да ја прими вакцината за МРП зборувало, одело, а потоа по примањето станало пасивно. Голем дел од видеата велат дека оваа вакцина предизвикува аутизам. Не е докажано, но сепак нѐ гризе некој црв и се плашиме. Моето дете има скоро 4 години и сѐ уште нема примено втора доза за МРП. Не знам дали ќе ја прими, можеби само ќе ја одложувам додека можам“, вели Марија Митревска од Скопје, мајка на една малолетна ќерка.
Има и родители што свесно не ги вакцинираат своите деца верувајќи дека со природни лекови се постигнува истиот ефект, дури и подобро отколку со вакцина. Велат, децата ги носат во приватна градинка, каде што не им бараат никакви вакцинални картони.
Д-р Кристина Ставридис од Институтот за јавно здравје вели дека најважно од сѐ за родителите да сфатат дека вакцините кај децата не се штетни и дека се задолжителни и го штитат нивното здравје, е да постои едукација.
„Само со едукација што ќе почне уште од училиштето може да направиме родителите да сфатат дека големата кашлица не се лечи со млеко од магарица, а наод на белите дробови не поминува со лој од гуска. Апсолутно детето кога ќе има симптоми треба да се јави на лекар и да му се даде дијагноза. Не препорачувам антибиотици, ниту препорачувам лекување на своја рака. Секогаш родителите треба да бараат стручна помош и консултација со лекар. Едукацијата има клучна улога во зголемувањето на свесноста на родителите за бенефитите и потребата од вакцинација на нивните деца (и за ризиците што ги носи невакцинирањето), како и засилена медиумска кампања со обезбедени точни и навремени информации за вакцините, што се некои од начините за зајакнување на довербата на населението во здравството и вакцините. Обврска на вакциналните пунктови е да ги бараат децата што не примиле вакцина, а многу е важно телефонските броеви што се оставени на пултовите да се точни. На пример, во помалите градови ги знаат и таму е полесно, некои служби ги користат и патронажните служби, кои ги знаат дечињата и може да помогнат. МЗ не престана со кампањи за тоа колку ни е потребна вакцинацијата“, ни изјави д-р Ставридис. Опфатот со примовакцинацијата на територијата на Скопје нема голема разлика во однос на вкупниот опфат на ниво на целата земја.
Табелата што ја изработивме според податоците добиени од ИЈЗ покажува дека опаѓа процентот на вакцинацијата и дека најнизок процент на вакцинација имало за вакцината за МРП во 2020 година, и тоа само 56,1 отсто.
Она што е исто важно е дека со колективниот имунитет, односно со поголемиот опфат на вакцинацијата, ги штитиме и децата со ретки болести. Децата што не може да се вакцинираат заради одредени здравствени состојби (одредена болест, контраиндикација за вакцинација и сл.) или поради тоа што не ја достигнале возраста за да може да се вакцинираат, ќе бидат заштитени само ако е постигнат колективен имунитет во средината во која живеат, односно ако се вакцинираат доволен број деца во нивната околина за да се постигне колективен имунитет.
Д-р Даниловски: Епидемијата се разгорува, а во градинките уште се примаат невакцинирани деца
Познатиот професор и епидемиолог д-р Драган Даниловски вели дека иако епидемијата се разгорува, во градинките сѐ уште се примаат деца без потврди за примени вакцини, а според него, „по утрото денот се познава“. Додава дека трошка надеж нуди зголемениот интерес на родителите за вакцинација на нивните деца на вакциналните пунктови.
„Да почекаме да се објават точните податоци, за да видиме колкава е нивната пропорција. Овде треба да се нагласи дека докторите на вакциналните пунктови мораат да ги предупредуваат родителите две недели да не ги пуштат децата во градинка или училиште, за да има време да се формира заштитно ниво на антитела од вакцината. Во меѓувреме, да се организираат интензивни образовни кампањи за јавноста, кои ќе го објаснуваат значењето на вакцинацијата, ќе ги истакнуваат безбедноста и ефикасноста на вакцините, ќе се демистифицираат митовите и дезинформациите. Медиумите треба да ги промовираат научните информации и да го намалат објавувањето дезинформации и митови за вакцините. Улогата на докторите во примарната здравствена заштита во овие кампањи е клучна. Тие треба да ги едуцираат родителите за значењето на вакцинацијата и нејзините предности. Тие може да помогнат во разбивањето на митовите и дезинформациите, кои водат кон недоверба во вакцините. Здравствената едукација, впрочем, претставува нивна основна професионална мисија. Имајќи го предвид постојаниот пад на опфатот со задолжителни вакцини децении наназад, не може да не се заклучи дека таа мисија досега не е спроведувана успешно“, вели д-р Даниловски.
За тоа како тој како лекар гледа на ставот дека голем дел од родителите наместо со медицински вакцини, лекови, анализи и стручни совети, магарешка кашлица лекуваат со млеко од магарица и наод на бели дробови со лој од гуска, појаснува дека недовербата во медицината, културните и традиционалните верувања и недоволниот пристап до здравствените услуги си го прави своето.
„Ситуацијата каде што родителите користат алтернативни методи за лекување болести како пертусис и пневмонија, како што се млеко од магарица и лој од гуска, може да биде предизвикана од неколку фактори: недовербата во модерната медицина, културните и традиционалните верувања, недостигот од образование и недоволниот пристап до здравствените услуги. За жал, иако календарски сме во 21 век, способноста за критичко размислување ни е во 18 век. Тоа е така зашто сите нивоа на кои се стекнува таа способност практично се нефункционални. Не функционира семејството, како основна клетка во општеството, не функционира образованието… и најтрагично е што не функционира ниту здравството, неговото примарно ниво. Наместо да ја промовираат вакцинацијата како најуспешна и најисплатлива јавноздравствена интервенција, која во изминатите повеќе од 200 години има спасено милиони животи, голем број од матичните доктори и педијатри ја потхрануваат недовербата на родителите кон вакцините“, дополнува епидемиологот.
Д-р Даниловски смета дека е долг списокот на одговорни за тоа што родителите непотребно веруваат дека вакцините предизвикуваат аутизам, особено таа за МРП, и дека на прво место штетата ја прави антиваксерското движење.
„На прво место е антиваксерското движење со неговото агресивно плашење на луѓето со имагинарни опасности. Тоа особено зема замав од 1998 година наваму, по објавувањето на ‘научниот’ труд на Ендрју Вејкфилд во реномираното списание Лансет, во кој тој на примерок од само 12 деца лажно изведува заклучок дека вакцината против морбили (мали сипаници) предизвикува аутизам. Набрзо лагата е откриена, но – интересно е – трудот делумно е повлечен во 2004, а целосно дури во 2010 година. Иако измамата на Вејкфилд беше раскринкана, тој продолжи да добива поддршка во делови од јавноста. Најголема вина има Лансет, бидејќи чекаше цели 12 години за да го повлече трудот. Се направи непоправлива штета. Особено подложни да веруваат во теории на заговор и митови се луѓе со ограничен капацитет за критичко размислување, поради што не умеат да препознаат дезинформација и теорија на заговор. Тоа не се ексклузивно луѓе без формално образование. Огромен дел се и луѓе со факултетски дипломи, за жал“, смета лекарот.
Потоа, виновни се и одредени доктори, пред сѐ педијатри, кои и самите не се убедени во неопходноста од вакцинација. Ги има релативно малку, но ефектите од нивниот став далеку го надминуваат нивниот мал број.
„Наместо да читаат литература и да го предвидуваат развојот на настаните, тие се потпираат на своето долгогодишно искуство. Тие ги гледаат болестите што може да се спречат со вакцинација како одамна мината закана. При тоа, ги мешаат причината и последицата, не сфаќајќи дека овие инфекции ги нема или речиси ги нема, токму благодарение на вакцинацијата, и дека нивната пасивност може да нѐ врати во минатото. Најголем број доктори се обидуваат совесно да ја извршуваат својата должност, но околностите ги принудуваат на малодушност. Инсистирањето на вакцинација ги води до конфронтација со родителите заведени со антиваксерски пораки, кои се убедени дека знаат повеќе од докторите. Дури, поагресивните директно ги обвинуваат дека соработуваат со ‘фармакомафијата’. Во такви околности, паѓа во вода обврската да спроведуваат здравствена едукација, која е законска обврска според член 50 од Законот за заштита на населението од заразни болести, според кој секој лекар е должен да ги запознае пациентите со превентивните мерки за заштита од заразни болести, значењето на вакцинациите и другите мерки на заштита“, завршува д-р Даниловски.
Нема смртни случаи, ниту компликации кај деца по примена вакцина, покажуваат извештаите на ИЈЗ
Кога се работи за компликации настанати и регистрирани од вакцинацијата кај деца, извештаите на ИЈЗ покажуваат дека од 2018 до 2022 (период за кој се достапни и за кој ги анализиравме извештаите) нема смртен случај, ниту компликации по примена вакцина, а поствакциналните реакции се во очекуваните граници.
Во текот на 2022 година, во ИЈЗ, пристигнати се и евидентирани вкупно 17 пријави. Само кај БЦГ-вакцината се регистрира изолирана локална реакција, кај сите други случаи се регистрираат општи реакции, најчесто како покачена телесна температура, осип, отежнато голтање, тромбоцитопенија, конвулзии, а во реакциите по ротавирусната вакцина е пријавена течна, слузава столица (се јавува со честота од 1 на 10 бебиња), a во два случаи со траги на крв (се јавува со честота од 1 на 100 бебиња).
Во однос на третманот на овие состојби, три случаи се хоспитализирани, а седум случаи се третирани амбулантски. Кај седум случаи, за кои е пристигната информација за исходот, исходот од лекувањето е со оздравување и без последици од несаканите реакции.
Во текот на 2020 година и во 2021 година не е регистриран смртен случај поврзан со вакцинација, ниту пак посериозна животозагрозувачка состојба поврзана со апликација на вакцина.
Бројот на пријавените поствакцинални компликации по имунизација е намален во споредба со претходните години (17 пријави во 2018 година и 18 пријави во 2019 година).
Во текот на 2018 година не е регистриран смртен случај поврзан со вакцинација, ниту пак посериозна животозагрозувачка состојба поврзана со апликација на вакцина.
Пријавените поствакцинални компликации по имунизацијата се движат во очекуваните граници. Поствакциналните реакции што се најчесто забележани во изминатиот период се посочени како можна појава од страна на производителите на вакцините. Во ИЈЗ не е пристигнат извештај од Стручниот тим за утврдување на трајни контраиндикации и поствакцинални компликации по имунизација со одредена вакцина.
Текст и инфографик: Катерина Додевска
Фото: Роберт Атанасовски (Фотографиите се направени со добиена согласност од вакциналниот пункт во Поликлиниката Јане Сандански и со согласност од родител)
Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.