Како држава, нагласил, ние секогаш правиме сѐ за да придонесеме кон европските вредности, регионалната стабилност и безбедност, но, прашањето е дали истите тие вредности се споделуваат кога станува збор за нашето пристапување кон ЕУ.
„Ние бевме првата држава од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, станавме кандидат за ЕУ заедно со Хрватска, а требаше и да станеме членка на НАТО во исто време. Сепак, од непринципиелните барања на нашите соседи, ние и денес сме во лобито – надвор од преговорите. Но, не смееме да се откажуваме. ВМРО-ДПМНЕ и владата која ќе ја предводи ќе направи сѐ што е во наша моќ да ги исполниме вистинските критериуми за членство, да направиме вистински реформи во економијата, да завладее правото и да се избориме со корупцијата во општеството. Само на тој начин ќе ја донесеме Европа во Македонија и за македонските граѓани, но и Македонија поблиску до Европа“, нагласил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.