Македонија на гостувањето во Талин ги загуби шансите за пласман на Европското првенство, па денешниот натпревар против Полска беше како пријателски смеч.
Полјаците како домаќини беа директно пласирани, а ние без шанси за континенталниот собир.
Во еден таков меч без резултатски притисок, македонските кошаркари одиграа одличен натпревар и дојдоа до победа од 88-74 за крај на неуспешниот квалификациски циклус.
Најефикасен во нашата репрезентација беше Ти Џеј Шортс со 23 поени за само 21 минута. Најдобрата своја партија во националниот дрес ја имаше Андреј Маслинко кој постигна 22 поени, Лејсон Зеќири даде 17 поени, а двоцифрен беше и Ненад Димитријевиќ кој реализираше 11 поени.
Пред почетокот на натпреварот Дамјан Стојановски се прости од националниот дрес.