Вечерва во СРЦ „Кале“ со почеток од 18:30 часот ја пречекуваме селекцијата на Полска во меч кој нема никакво резултатско значење.
Во петокот во Талин со поразот од Естонија ги загубивме шансите за пласман на Евробаскетот, а Полска како домаќин автоматски има обезбедено место таму.
Селекторот Александар Јончевски и неговите избраници сакаат со победа да ги завршат квалификациите.
За таа цел одлучено е евролигашите Шортс и Димитријевиќ да останат во тимот, но ќе добијат помала минутажа. Во составот се враќа Теодор Симиќ кој беше болен и не можеше да го игра дуелот против Естонија.
Судии на мечот ќе бидат Мануел Мацони од Италија, Фернандо Калатрава од Шпанија и Џан Мавису од Турција.