Во интервју за емисијата „Кажете ѝ на Ал Џезеира“, посветено на состојбата со корупцијата во земјава и регионот и регионалната соработка на ова поле, вицепремиерката Грковска ја истакна Регионалната антикорупциска иницијатива- РАИ, како една од суштинските платформи за регионално зајакнување во справувањето со корупцијата.
Покрај активностите кои се спроведуваат во партнерство со РАИ, поврзани со регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансии, Грковска ја нагласи и поддршката од РАИ, УН Вуман и УНДОК за основањето на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција.
Оваа регионална иницијатива е посветена на градење мрежа за взаемна поддршка на жените од регионот, кои се вклучени во антикорупциските напори и кои поради тоа се соочуваат со напади, етикетирања и дезинформации на родова основа.
Поаѓајќи од заедничкото историско минато на земјите од регионот и сличностите во менталитетот, вицепремиерката истакна дека за успех во справувањето со корупцијата и организираниот криминал треба да се користат сите расположливи механизми и во таа насока го најави формирањето на Регионална академија за добро управување, со седиште во Скопје.
Во интервјуто, Грковска се осврна на активностите на Кабинетот за политики за добро владеење, со чие формирање, како што вели, Владата покажа колку е важно да се посвети внимание на јакнење на интегритетот на функционерите. Таа го истакна и „големиот успех на Владата во поглед на унапредувањето на транспарентноста на институциите во изминатиот период“, истакнувајќи дека транспарентноста е една од најдобрите алатки за да се зголеми довербата во институциите.
Во поглед, пак, на ниската доверба во правосудниот систем, вицепремиерката Грковска истакна дека самите обвинители и судии мора да се изборат за својата независност и да не се солидаризираат со колегите кои ја создаваат перцепцијата за неправичност и двојни аршини во постапувањето.
„Вистинската храброст е да се држите точно до законот и да постапувате непристрасно кога станува збор за коруптивни случаи од високата политика и бизнисот“, истакна Грковска во интервјуто за Ал Џазира Балкан.