„Пред една година, во Тирана, згасна светилото на македонската заедница во Албанија – Фоте Никола, човекот чиј живот беше посветен на борбата за зачувување и унапредување на македонскиот јазик, култура и права. Една година по неговото заминување, неговите дела и спомени продолжуваат да живеат во нашите срца“, напиша во објава на фејсбук, Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција.
Додава дека како член на Централниот комитет на МАЕИ, како почесен советник во дипломатската мисија за мир и просперитет во Тирана, како татко, пријател и борец, Фоте останува пример за посветеност, истрајност и љубов кон народот.
Македонскиот весник „Илинден“ посветува посебен напис под наслов „Една години без Фоте Никола – истакнат македонски активист и борец за правата на Македонците во Албанија“, во кој пишува за неговиот живот и дело.
„2005 до 2014 година, Фоте беше член на комитетот на малцинствата при владата на Република Албанија, гордо и достоинствено застапувајќи го македонското национално малцинство. Даде голем придонес во унапредување на правата на Македонците во Албанија. Неговата посветеност кон подобрувањето на животот на македонската заедница во Албанија ќе продолжат да живеат во срцата на оние кои го познаваа и сакаа“, пишува меѓу другото во написот.
Весникот „Македониум“, покрај другото потсетува на дел од изјавата на синот на Фоте, Ервин Никола, кажана на одбележувањето на „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“ кој вели дека „иако мојот татко повеќе не е физички со нас, тој живее на страниците од книгите и во сеќавањата на оние што го познаваа, бидејќи својот живот го посвети на образованието, информирањето и пишувањето текстови за луѓето од Преспа и за целиот македонски народ, на кој припаѓаме и јас и моите деца.
„Гордо кажувам јас сум од Шулин, син на Фоте и внук на Богдан, и сум горд на македонскиот јазик и нација на која и припаѓам. Денес се чувствувам горд што на овој 80-годишен јубилеј на образованието на мајчиниот македонски јазик доаѓам како наследник на човек што македонскиот јазик и луѓето од македонското малцинство ги сакаше безусловно. Горд сум на секоја буква што ја напишал, на секоја училишна книга, но и на многуте други изданија“, порачал меѓу другото Ервин Никола.
Фоте Никола, е роден во село Шулин, Мала Преспа, 1946 година, а почина во Тирана на денешен ден минатата година.
„Беше неуморен активист, уредник, автор, педагог и визионер. Остави вредно наследство – учебници за македонските ученици, истражувања за македонската книжевност, преработен речник, македонски-албански, на Никола Беровски, бројни трудови за фолклорот, традициите и образованието на Македонците во Албанија. Неговото дело не беше само сведоштво, туку и мост за идните генерации“, оценува Стерјовски.