На средбата претставниците на единствената политичка партија на Македонците во Албанија со сериозна загриженост укажаа на состојбата на македонското малцинство, истакнувајќи дека се соочуваат со пропаганда и обиди за асимилација коишто го загрозуваат нивниот национален и културен идентитет.
Како што соопшти кабинетот на Сиљановска-Давкова, тие изразиле незадоволство од односот на албанските институции кон нив, како на државно, така и на локално ниво, нагласувајќи дека недоволната заштита и поддршка ја ставаат оваа заедница во неизвесна положба изложена на перманентни притисоци.
Побарале поголемо учество на македонските власти, како и нивна помош во надминувањето на енормните проблеми со коишто се соочуваат, при што отворено изразиле став за отсуство на државна стратегија за заштита на положбата на Македонците во Албанија.
Во разговорот, тие ја информирале претседателката за досегашните партиски иницијатви, како и за планираните активности, во правец на зајакнување на нивната национална и културна самобитност, се наведува во соопштението.
Претседателката Сиљановска-Давкова изразила разбирање за влошената положба на македонското малцинство во Албанија.
Таа ја реафирмирала потребата од стратешки пристап во решавањето на статусот и заштитата на правата на македонското малцинство во Албанија, согласно европските и меѓународните документи.