четврток, 23 јануари 2025

МАЕИ го кани македонскиот државен врв на состанок во Корча

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствен автентичен политички глас на Македонците во Албанија, на 8 февруари организира состанок во Корча, на кој ги поканува за учество македонскиот државен врв и парламентарните партии. На состанокот ќе биде претставена долгорочната национална стратегија на МАЕИ за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија.

Објавено на

часот

Сподели

Како партија од центарот, рече за МИА претседателот на партијата Васил Стерјовски, нашата главна мисија е заштита и промоција на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции.

Според него, ниту една друга партија во Албанија не се занимава со прашањата и предизвиците на македонската заедница, што ги прави единствен и посветен застапник на нејзините права и слободи.

„Тргнувајќи од сложената положба на Македонците во Албанија како автохтоно население и соочувајќи се со предизвиците од агресивната бугарска политика за бугаризација и асимилација, како партија решивме да организираме средба во Корча, Република Албанија. Целта на оваа средба е да ги запознаеме македонските парламентарни политички партии, и од власта и од опозицијата во Република Македонија, со положбата на Македонците во Албанија, која е крајно незавидна. Како и особено внимание би посветиле на агресивната бугарска политика за асимилација која е директно помогната и од страна на Албанија“, посочува Стерјовски.

Дополнително, додава на средбата ќе ја претставиме подготвената долгорочна национална стратегија на МАЕИ за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија. Веруваме, нагласува, дека е од „суштинска важност оваа стратегија да биде поддржана од сите македонски политички партии од Република Македонија, без оглед на сопствената политичка платформа“.

„Македонија, како матична држава, има голема одговорност и можност да им помогне на Македонците во Албанија да ги зачуваат своите вековни огништа, да ги добијат универзалните права кои им припаѓаат како на малцинство, да го отфрлат влијанието на бугарската пропаганда и да ги зајакнат врските меѓу матичната држава и македонската заедница во Албанија“, посочува Стерјовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ