недела, 22 декември 2024

М-НАВ отвори истрага за авионите што за малку ќе се судреа на македонско небо, му се приклучи и КИНСИВ

Отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за безбедосниот настан на небото на Скопје што се случи на 7. месецов по објавите дека е избегнат инцидент со судир на два авиони, информира денеска давателот на навигациски услуги М-НАВ. И Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) најави дека ќе отвори истрага во врска со инцидентот и дека понеделник ќе влезат во М-НАВ.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Од М-НАВ потенцираат дека таквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија.

„На 7 септември во 18:30 часот поднесена е пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор.  Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението на Интегрираниот систем за управување (ИМС) и доставена до Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ). Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури“, се наведува во соопштението на М-НАВ.

Претходно од АЦВ за МИА потврдија дека постапуваат по настан пријавен од М-НАВ.

„Давателот на навигациски услиги М-НАВ уредно го пријави настанот и АЦВ ќе постапи по истиот“, изјавија од АЦВ.

И Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) најави дека ќе отвори истрага во врска со инцидентот и дека понеделник ќе влезат во М-НАВ.

Претседателот на КИНСИВ Зоран Илиевски изјави дека веднаш се вклучиле бидејќи станува збор за сериозен инцидент.

„В понеделник влегуваме во М-НАВ и ќе ги направиме потребните разговори, ќе ги преслушаме снимките од разговорите на контролорите со пилотите на авионите, а и ќе ги погледнеме и снимките. Ние не утврдуваме вина, туку причина која довела до ваков инцидент. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти, па ќе ја информираме јавноста. Се друго во моментот ќе биде шпекулација“, изјави за МИА, Илиевски.

Порталот за следење летови Флајтрадар24, објави дека авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18:32 часот.

Според Флајтрадар24, станува збор за авионот на „Туркиш ерлајнс“ на летот ТК1358 од Мадрид за Истанбул и авионот на „Санекспрес“ од турскиот крајбрежен аеродром Даламан за Лондон.

„30 секунди пред да се разминат двата авиона биле на иста висина од 36.000 стапки. Непосредно пред да се разминат, едниот се кренал на 36.325 стапки, а другиот се спуштил на 35.475 стапки. Според правилата на авиосообраќајот, меѓу авионите треба да има 2.000 стапки вертикална далечина“, напиша порталот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ