„Можете да ѝ честитате на Република Белорусија, избравме претседател“, рече на прес-конференција Игор Карпенко, шеф на републичката централна изборна комисија. Според прелиминарните резултати објавени на профилот на Телеграм на Централната изборна комисија, Лукашенко на изборите во неделата освоил 86,8 отсто од гласовите.
Новинарот на Би-би-си Стив Розенберг известуваше за вчерашните избори. „Покривав многу избори. Видов премиери и претседатели како пристигнуваат на избирачките места, гласаат и потоа одговараат на неколку прашања од новинарите. Но, никогаш не сум видел нешто слично како на сцената на избирачкото место 478 во Минск“, истакна Розенберг.
„Долгогодишниот белоруски лидер Александар Лукашенко, некогаш наречен последниот диктатор на Европа, пристигна да гласа. Потоа, додека Белорусите сè уште гласаа, кандидатот Лукашенко одржа четири и пол часовна прес-конференција во живо на државната телевизија“, додаде тој. Розенберг учествуваше на таа конференција.
„Какво јадно прашање ми подготви? Како и секогаш“, го праша Лукашенко.
„Добро утро“, одговори Розенберг.
„Добро утро, Стив“, рече Лукашенко.
„Како можете ова да го наречете демократски избори, кога вашите главни ривали се или во затвор или во егзил?“ праша Розенберг.
„Некои се во затвор, некои во егзил. Но вие сте тука. Секој има право на избор. Тоа е демократија. Некои избраа затвор, други егзил. Никогаш не сме протерале никого од земјата“, рече Лукашенко.
„Неодамна рековте: Не смееме да им ја затвораме устата на луѓето. Но, вашите ривали не се само спречени да се натпреваруваат. Некои од нив се затворени. Во моментов има повеќе од 1.200 политички затвореници во Белорусија. Зарем не е време да ги отвориме затворските ќелии и да ги ослободиме? Луѓе како Марија Колесникова, Сергеј Тихановски“, нагласи Розенберг.
„Постојано ми зборувате за Марија. Боже. Добро, ќе ти одговорам на прашањето… Затворот е за луѓе кои премногу ја отвориле устата и кои го прекршиле законот. Немате ли вие затвори во Британија и Америка? Во која било земја, ако го прекршите законот, треба да ги сносите последиците. Законот е строг, но е закон. Јас не го измислив. Мора да се придржувате до него“, изјави Лукашенко.
Иако на истакнатите опозициски личности не им беше дозволено да се кандидираат, името на Александар Лукашенко не беше единственото на гласачкото ливче. Имаше уште четворица кандидати.
„Разговаравме со некои други кандидати. Еден од нив, лидерот на Комунистичката партија, отворено ве поддржува. Другите ве фалат. Овие избори се чудни, нели, со вакви противкандидати…“, му рече Розенберг на Лукашенко.
„Стив, ова е сосема ново искуство за тебе!“ одговори Лукашенко, со смеа и аплауз од локалните новинари во просторијата.
„Тоа е вистина. Никогаш не сум видел вакви избори“, повтори Розенберг.
„Политиката на комунистите која се заснова на правда е истата политика што ние ја промовираме. Па зошто би гласале против мене?“ тврди Лукашенко.