Важно за карневалот, според него, е критиката кон општеството и политичарите за корекција и подобро утре.
„Она што е многу важно особено за овие карневали, бидејќи доаѓам од професијата актер и театарот секогаш го критикува општеството. Ги критикува политичарите, ги критикува политичките ситуации. И овој карневал ја има истата улога, сега да ме критикува и мене, да го критикува општеството, да ги критикува политичарите, и тоа треба да го прифатиме многу позитивно. Со самата таа критика и ние ќе се подобориме во односот и спрема општеството и спрема граѓаните“, рече Љутков.
Иако Вевчанскиот карневал имаше прекини во однос на финансирањето тој вети дека зголемување на буџетот од година во година, со надеж дека манифестацијата ќе расте и ќе стане се посилен бренд за Македонија.
Покрај министерот Љутков и градоначалникот Спасе Кочоски, карневалското дефиле го следеа и премиерот Христијан Мицкоски, заменик министерот за правда Ален Деребан, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, а меѓу присутните беше и претседателот на Федерацијата на ервопски карневалски градови Ларс Алгел.
По традиционалните маски со оркестарот, зетот, невестата, ѓаволите и Глупавите Августи креативните вевчанци на хумористичен начин ја прикажаа релаксирачката атмосфера со играње фудбал во кабинетот на поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешните министри на ДУИ, кои со себе го носеа и куферчето од Државна лотарија, а премиерот Христијан Мицкоски им даде црвен картон. Низ вевчанските улици продефилира и екс директорот на УБК Сашо Мијалков со црвеното порше. Вевчанци на сатиричен начин побараа и враќање на старото уставно име Република Македонија на личните документи, не го заборавија ниту бегството на екс вицепремиерот Артан Груби. Дел од маските беше и бугарски администратор, како и Планетата на мајмуните, инспирирани од истоимениот филм. Забавата беше збогатена со „Вевчанско вече“, како и карактеристични маски со чудовишта, принцези, снежни кралици, новогодишни елки….
Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските утре вечер во центарот на Вевчани.