На состанокот присуствувале и еврокомесарите за проширување и за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Марта Кос и Глен Микалеф. Биле разменети мислења и ставови за улогата на културата, меѓународните културни проекти, вклучително и европските престолнини на културата во функција на одржливиот развој.
Љутков потенцирал дека културата и одржливиот развој се една од најзначајните теми на современата културна политика.
„Културата е моќен двигател за позитивни промени во нашите општества и економии, а нејзиниот потенцијал има особено влијание на унапредувањето на одржливиот развој. Во светот што се соочува со предизвици на климатски промени, економска нееднаквост и социјална поларизација, културата се јавува како мост што ги поврзува економските, социјалните и еколошките аспекти на развојот на секоја држава“, изјавил Љутков.
Кога станало збор за европските престолнини на културата, Љутков истакнал дека нивниот избор во овие 40 години прераснал во една од најамбициозните културни иницијативи на Европа.
„Титулата ‘Европска престолнина на културата’ е можеби една од најдобрите можности за збогатување на нашата културна сцена, како и за создавање трајни ефекти на економски, социјален и еколошки план. Активностите во овој процес ја стимулираат и поддржуваат мобилноста на уметниците и размената на знаења и искуства на културните професионалци“, додал Љутков.
На состанокот биле споделени и најдобрите практики за меѓукултурниот дијалог преку билатерални и мултилатерални соработки, а се дискутирало и за зајакнување на улогата и можностите што ги дава културата особено во процесот на проширување.
„Нашата земја, како дел од глобалната културна мрежа, активно учествува во различни меѓународни културни иницијативи и програми за размена на уметници и културни работници. Со нивна помош, нашите уметници имаат можност да покажат свои дела на светската сцена и да ги збогатат своите искуства, но, исто така и да научат од другите култури, што е одличен начин за создавање силни и долготрајни културни врски“, истакнал Љутков.
Во рамки на престојот во Словенија, денеска во организација на Македонското културно друштво „Охридски бисери“ од Нова Горица, Љутков ја посетил изложбата на Боре Митовски – „Во облаци“. Таа била поставена во реновираната галерија „Стопа“. Во текот на вчерашниот ден пак, министерот го проследил и свеченото отворање на „Европска престолнина на културата 2025 ! Нова Горица/Гориција“.