петок, 18 октомври 2024

Љутков: Агенцијата за филм нема пари да исплати четири филма чиј рок за реализација истекува годинава

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска информира дека се готови ревизорските извештаи како и извештајот од Министерството за култура за Агенцијата за филм и истите ќе бидат доставени до надлежните институции. Внатрешната ревизија во Агенцијата за филм беше извршена во текот на април и мај оваа година, а Љутков неодамна информираше дека Агенцијата должи околу 11 милиони евра.

Објавено на

часот

Сподели

„Проблемот настанува кога после 2018 година, буџетот кој што бил некаде околу седум до осум милиони евра на годишно ниво, наеднаш паѓа на околу два и пол милиони евра. Бидејќи тие не можат да се помират со фактот дека власта го намалува буџетот, си продолжуваат со процес кој вели на необезбедени средства во текот на наредната година, вие склучувате договори на двојно повеќе. Ова значи, ако имате договор на два и пол милиони евра за следната година, вие склучувате договори на речиси пет милиони евра и тие ги провлекувате во текот на годините„, вели Љутков во интервју за МИА.

Тој напомена дека сега има ситуација во која четири филма кои што имаат склучено договори, имаат обезбедно услови и имаат законски рок од пет години да го реализираат филмот, оваа година да им истекува законскиот рок за реализација на филмовите.

„Агенцијата за филм ги нема тие пари за да ги покрие овие четири филма. Тоа се случувало низ годините. Ревизорските извештаи се готови, извештајот од Министерството за култура кој што е направен оваа година е готов и ние сите овие извештаи ќе ги упатиме да надлежните институции да можат да си ја работат својата работа и да видиме што од тоа ќе излезе за да можеме да постапуваме понатаму. Јас како министер за култура не застанувам во овој процес ни на една ни на друга страна, мене ми е важна Агенцијата за филм, фокусот ќе ми биде таму и ќе гледаме да ги решиме тие проблеми“, додаде Љутков.

Министерот најави и дека в петок ќе оствари средба со официјалните луѓе од Друштвото на филмски работници (ДФРМ), но тоа, како што рече, не може да донесе некакви промени.

„Јас ќе разговарам со нив. Логична постапка е нивното барање и логичен одговор е да се сретнам со нив, но мене не ми е фокусот Друштвото на филмски работници. Извештајот не треба да се фокусира и не се фокусира на Друштвото, едноставно се фокусира на работата на Агенцијата за филм, мене тоа ми е важно. Но, ако се утврди дека има неправилности во Агенцијата по однос на Друштвото на филмски работници, тоа си е последица една по друга, така што јас тука не можам ништо да направам“, додаде Љутков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ