„Нема апетит за тоа“, рече Џонсон за Њузмакс за време на конференцијата на конзервативците, кога беше прашан – на свиреж од десничарската публика – дали предвидува уште еден закон за финансирање на Украина, доколку до крајот на војната поминат уште неколку месеци.
„Мораме да ѝ ставиме крај (на војната). И можам да ви кажам дека и нашите европски сојузници ја разбираат неопходноста. Таа предолго се одолговлекува“, рече Џонсон.
Изјавите на републиканскиот лидер во Долниот дом на Конгресот дојдоа во време на растечка неизвесност околу иднината на американската поддршка за Киев, по војната со зборови меѓу Трамп и Зеленски. Трамп ја промени американската политика за војната во Украина, завршувајќи ја кампањата за изолирање на Русија упатувајќи телефонски повик до Путин, како и со воспоставување разговори меѓу високи американски и руски претставници во Саудиска Арабија, во кои не беше вклучен Зеленски. Во вторникот Трамп тврдеше дека Украина е виновна за руската инвазија во 2022 година. Зеленски тврдеше дека Трамп повторува руски дезинформации.
Изјавите на Џонсон го одразуваат променливото расположение во американскиот Конгрес, кој одобри помош од 175 милијарди долари за Украина од почетокот на руската инвазија, во време кога демократите го имаа мнозинството во Сенатот и ја држеа Белата куќа. Републиканците на Трамп сега ги контролираат Претставничкиот дом, Сенатот и Белата куќа.
Минатиот април Џонсон налути многу од своите колеги републиканци во Претставничкиот дом со тоа што дозволи гласање за законот кој вклучуваше 61 милијарда долари за Украина, кој беше усвоен со поголема поддршка од демократите отколку од републиканците. Истакнувајќи дека и Русија и Украина претрпеа големи загуби, Џонсон во четвртокот рече: „Мораме да го прекинеме конфликтот. Претседателот Трамп е апсолутно во право. Време е да се стави крај, а тој (Трамп) е груба сила, мислам, која може да го направи тоа“.
Џонсон рече дека на Трамп му е потребен простор за да посредува во завршувањето на војната во Украина и дека „жалбата“ на Зеленски дека Украина не била поканета на состанокот во Саудиска Арабија е „депласирана“.
„Она што Трамп се обидува да го направи е да ги постави условите за да се одржат тие вистински преговори и мораме да му дозволиме да го прави тоа што го прави“, смета Џонсон.