среда, 26 февруари 2025

ЛГБТИ -компонентите од упатството против насилство во училиштата ќе се ревидираат според новиот Закон за основно образование

Од Коалицијата за заштита на децата реагираат во јавноста што и покрај барањето упатено до министерката за образование и наука, Весна Јаневска за отстранување на делот за „сексуална ориентација“ од Упатството за постапка за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување, тоа и понатаму е во употреба како инструкција во основните училишта во Македонија. Од Министерството за образование велат дека наскоро ќе се смени и тоа упатство.

Објавено на

часот

Сподели

Во реакцијата се наведува дека отстранувањето на ЛГБТИ+ и родовите компоненти од упатството ѝ било усно побарано на министерката, уште на почетокот на нејзиниот мандат, на крајот на јули 2024, но тоа сè уште не е спроведено, па сметаат дека постојното „ЛГБТИ-упатство насилно и со декрет им се наметнува на основните училишта, со кое целосно им се одемаат правата на родителите“.

„При анализа на упатството, Коалицијата утврди дека самиот вовед содржи неприфатливи термини, директно и индиректно. Во член 2.1. е наведено следново: ‘Училиштето е должно при спроведување на ова упатство да се води од најдобриот интерес на детето. Најдобар интерес на детето е преовладување на тој интерес над интересите на родителите, старателите, училиштето, институциите или заедниците во ситуации кога овие интереси се разликуваат од интересите на детето. При одлучување за најдобриот интерес на детето, училиштето е должно да ги земе предвид сите карактеристики на детето и контекстот во кој живее. Карактеристики на детето кои се земаат предвид се неговиот род, родов идентитет, сексуална ориентација…“, се вели во реакцијата на Коалицијата за заштита на децата.

Меѓу другото, причината за револтот на Коалицијата за заштита на децата е нивната процена дека министерката Јаневска ширум им ги отворила вратите на ЛГБТИ+ родовите организации, со воведување на задолжително волонтирање на учениците во невладини организации, за кои сметаат дека индоктиринираат со “неприродни и нереални идеи некои збунети деца“.

„Она што уште појасно го отсликува проблемот е членот 2.3., кој целосно ќе го цитираме: ‘При спроведување на ова упатство училиштето го почитува правото на самоопределување на ученикот. Секој ученик има право на самоопределување во врска со неговиот личен идентитет, поврзан со религијата, верското или политичкото уверување, националноста или етничката припадност, родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Училиштето не смее да го преиспитува, да се обидува да го промени или да го осудува ученикот за неговиот избор поврзан со самоопределувањето.’

Она што може со сигурност да се забележи е дека со ова Упатство целосно се одземаат правата на родителите и се афирмираат неприродни и нереални идеи, доколку такви се појават кај некои збунети деца (најчесто со помош на посредно или непосредно влијание на ЛГБТИ+ родовите организации, на кои Јаневска широко им ги отвори вратите откако воведе задолжително волонтирање на учениците во невладини организации)“, се вели во реакцијата на Коалицијата.

Исто така, од Коалицијата сметаат дека со ова упатство целосно се одземаат правата на родителите, како единствени старатели на нивните малолетни деца и сосема се коси со сите закони поврзани за семејството и децата, каде експлицитно е дефинирано дека родителите се тие кои носат одлуки во име на децата.

„Евидентно е дека родителите се проблем за ова упатство. Имено, во член 2.6. стои следново:‘При информирање на медиумите училиштето е должно да обезбеди согласност од жртвата… Училиштето е должно да му објасни на разбирлив начин согласно со возраста, зрелоста и капацитет на ученикот, што значи доверливоста и кои се другите лица со кои ќе биде споделена информацијата, нивната улога и обврските во понатамошните постапки, мерки и активности’.

Во поедноставен јазик, родителите веќе немаат никакво право да бидат информирани и да носат одлуки за своите малолетни деца, во случајов деца од 6 до 14 години, така што оние родители чии деца се жртви на насилство може да очекуваат нивната приказна да се најде на телевизија, без нивна согласност. Бидејќи, каква разумна и информирана одлука би можело да донесе едно дете од 7-8 години?“, се наведува во соопштението на Коалицијата за заштита на децата.

Се обративме до Министерството за образование и наука за став околу реакциите и барањата на Коалицијата за заштита на децата за корекција на упатството, што како подзаконски акт треба да го имплементираат училиштата.

„Упатството за постапување на училишните раководства во случаи на насилство е донесено во 2020 година врз основа на тогашниот Закон за основното образование. Во декември 2024 година беше усвоено ново законско решение согласно кое ќе се ревидира подзаконскиот акт и во овој процес ќе се разгледаат и посочените сугестии“, одговорија од Министерството за образование и наука.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ