Левица остро ги осудува, како што е наведено во демантот, лагите искажани вчера на прес-конференцијата на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Од за нас непознати побуди, Јакимовски искажа низа неточни тврдења и лаги поврзани со последната седница од Советот на Општина Карпош, наведува Левица.
„Советничката група на Левица преку поднесување на неколку предлози за програмите дејствуваше целосно конструктивно, а согласно барањата на жителите.
Благодарение на изгласаните предлози на Левица, Советот на Општина Карпош сега ќе има дополнителна алатка за спречување носење штетни детални урбанистички планови, а во однос на субвенционирањето на полагање на возачки испити, сега таа мерка добива на социјален карактер.
Претседателот на Совет, Бранко Ристов постапува исклучиво согласно Законите, Статутот и Деловникот на Општина Карпош и е обврзан да ги почитува истите, без разлика дали тоа му се допаѓа на Јакимовски или не.
Ристов неколку пати јавно, но и на самата седница апелираше до советниците на ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од неконструктивните амандмани, за што постои и видео материјал.
Оттука, тврдењата на Јакимовски се лажни и смешни и со искажаните индиректни закани нема да ја одврати советничката група на Левица во борбата против урбанистичката мафија и сите штетни активности на Градоначалникот и неговите соработници.
Левица најостро ги осуди и ги осудува амандманите поднесени од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција. Истите тие ниту се констурктивни ниту се од интерес на Карпошани. Со поднесувањето на овие амандмани очигледна е желбата и побудата кај Мицкоски и советничката група на ДПМНЕ за реванширање кон Јакимовски за нивната пропадната љубовна врска.
Затоа апелираме уште еднаш, љубовните рани Јакимовски и Мицкоски да ги решаваат надвор од Општина Карпош бидејќи истата не е во нивна сопственост иако изминатите години се однесуваа како тоа да е така, па со низа штетни одлуки трајно го девалвираа квалитетот на животот во Општина Карпош“, се вели во реакцијата на Левица.