Од лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле отказот на д-р Веселинка Јосифовска Митровска го карактеризираат како скандал и велат дека таа е бескрупулозно избркана од работа.
Во отказното решение добиено од раководството таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење на страно тело од дишните патишта на пациент.
„Присуството на колешката само ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите кои се нејзин домен на работа. Докторката Јосифовска се соочува со непријатна средба со директорката, и тоа за време на интеревенцијата, и истата се обидувала насилно да ја острани од кабинетот за што постојат сведоци. Ја информираме јавноста дека интервенцијата кај детето резултирала со успех, извадено е туѓо тело од дишните патишта на пациентот. Со ништо и во ниеден момент не било загрозено детето, ниту пак присуството на лекар кој има 22 години искуство со оваа проблематика би можело на било кој начин да го загрози животот на детето. Напротив доколку би дошло до компликации, лекарите кои се присутни, а имаат долгогодишно искуство би можеле да интервенираат веднаш. Но парадоксот е дека според директорката како што пишува во отказното решение е дека нејзиното присуство го довела во опасност животот на пациентот. Изразуваме најсилна безрезервна поддршка за нашата колешка д-р Веселинка Јосифовска Митровска за која сметаме дека и е нанесена целосна неправда и без никаква вина добива отказно решение од актуелното раководство“, се наведува во протестното писмо.
Според лекарскиот колегиум, своеволието на директорката уништува многу животи, ја уништува клиниката Козле, а тоа дирекно се рефлектира на пациентите.
„Откако е назначена досега, нејзиното директорување брои низа скандали за кои јавноста беше информирана. Се спроведоа и средби со министерот за здравство на кои беа укажани проблемите во клиниката. Се депонираа 30 потписи на лекари кои бараа разрешување на директорката. Сѐ уште се чека одговор за нејзино разрешување“, се наведува во писмото.
Лекарскиот колегиум упатува молба до министерот за здравство, Арбен Таравари и премиерот, христијан Мицкоски „да стават крај на своеволието на Симоновска бидејќи клиниката Козле е државна институција од огромно значење во пружањето на здравствена заштита на највулнерабилната група на пациенти, децата, и дискредитацијата што и ја нанесува директорката на оваа клиника е дискредитација на целиот здравствен систем“.