Шефот на руската дипломатија кажа дека се сретнал со група политиколози, вклучувајќи ги Ричард Хас и Чарлс Купчин, кога престојувал во Њујорк за време на руското претседавање со Советот за безбедност на ОН.
„Од некоја причина сите подоцна решија дека тој состанок е некој вид тајна. Редовно се сретнував со политиколозите кога бев во Њујорк, но овој пат тоа и го побарав. Тие се согласија, но единствена желба им беше да не даваат никакви јавни коментари по ова прашање, што не го направивме. Тоа неколку месеци подоцна протече од американска страна, не знам од кои причини“, кажа Лавров.
Додаде дека тогаш Хас и Купчин, заедно со колегите предложиле „сега да се смириме, бидејќи ниедна страна не може да победи“.
„Не се колебаа да кажат дека на Украина ѝ е потребно време да ја поправи својата ситуација со резервите, со воената опрема, со ракетите и другите потреби за војување. Тоа беше во април. Сега западните лидери отворено зборуваат за тоа, го предложуваат и јасно наложуваат дека нема да биде крај на конфликтот, туку дека тоа ќе биде пауза“, истакна рускиот министер.
Западот разбира дека не може да ја уништи Русија како независен играч на светската сцена, но за тоа не зборуваат отворено, од страв да не ја изгубат репутацијата пред изборите, оцени Лавров.
Според него, Москва некогаш се надевала дека Западот во односите со Русија тргнува од прагматизмот, а дека тоа функционирало во енергетскиот сектор, високотехнолошката индустрија и снабдувањето со опрема.
„Западот се согласи на тој конфликт поради главната цел, која сега е јасна – уништување на Русија како независен играч на светската сцена. Јасно е дека сега ја сфаќаат илузорноста на таа цел, но тоа не можат да го кажат, вртејќи се за 180 степени пред своите гласачи пред изборните циклуси, за да не ризикуваат да ги изгубат образот и репутацијата“, оцени тој.
Истакна дека изјавата на американскиот претседател Џо Бајден дека Русија наводно би можела да нападне земји од НАТО претставува очај, како и дека Западот и понатаму како своја задача гледа „да ја уништи Русија“ и не планира да го спушти оружјето.
„Самиот факт што тоа јавно го изјавуваат сериозни луѓе – шефот на Пентагон и претседателот на САД, зборува за нивната многу очајна положба. Западот Русија и понатаму ја смета за противник и закана. Претседателот на Русија Владимир Путин детално зборуваше за тоа дека сакаат да ја уништат Русија по распадот на Советскиот Сојуз, се осврна на наивноста на нашата политичка класа, кога се чинеше дека Западот пружа рака“, кажа Лавров.