„Нашите дипломати и високи експерти ќе се сретнат и ќе разговараат за системските проблеми кои се натрупаа“, кажа Лавров на конференција за новинарите во Катар.
Тој кажа дека „таквиот состанок ќе се одржи утре во Истанбул“.
Лавров во понеделникот беше во Анкара, пред вчера да замине за Иран, кој е сојузник на Москва, а потоа во Катар.
Турција, која е членка на НАТО, сака да игра истакната улога во завршувањето на непријателствата во Украина, како што се обиде да направи во март 2022 година кога два пати беше домаќин на преговорите меѓу Москва и Киев пред тие преговори да пропаднат.
Првите руско-американски разговори од февруари 2022 година и почетокот на конфликтот во Украина се одржаа на 18 февруари во Ријад во Саудиска Арабија, неколку дена по телефонскиот разговор на претседателите на Русија и САД Владимир Путин и Доналд Трамп со кој беше прекината тригодишната дипломатска изолација на Русија од страна на Вашингтон и Западот.
Русите и Американците кажаа дека сакаат детално да ги разгледаат билатералните односи, што предизвика стравувања во Киев и на неговите европски сојузници дека ќе бидат изземени од решавањето на конфликтот во Украина.
По состанокот на Лавров и неговиот американски колега Марко Рубио во Ријад тие кажаа дека сакаат повторно воспоставување на нормалното функционирање на нивните дипломатски мисии, по бројните заемни протерувања на претставниците во нивните амбасади од 2022 година.
Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков кажа во неделата дека „очекува реален напредок“ за време на тој состанок кој според него ќе се одржи на ниво на „функционери на оддели“ во министерствата за надворешни работи на двете земји.
Паралелно со тоа Европејците, на чело со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, се обидуваат да го убедат Трамп дека Американците треба да им пружат логистичка поддршка на можните европски трупи кои би биле распоредени во Украина за да го надгледуваат спроведувањето на идниот договор за примирје.
Лавров минатата недела оцени дека таквата можност е неприфатлива за Москва, а денес кажа дека „нив никој не ги прашува за тоа“.