четврток, 6 март 2025

Лавров: Изјавите на Макрон се закана за Русија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска оцени дека изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој укажа на можноста Европа да се заштити со француски „нуклеарен чадор“, претставуваат „закана“ за Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Секако дека тоа е закана за Русија. Ако нè гледа како закана и вели дека е неопходно да се користи нуклеарно оружје, дека треба да се подготви да користи нуклеарно оружје против Русија, се разбира дека тоа е закана“, рече Лавров.

Тој отфрли секаква можност за договор со Москва за распоредување европски мировници во Украина за да се гарантира можен прекин на огнот.

„Не гледаме никаков можен компромис. Оваа дискусија се води со отворено непријателска цел“ кон Москва, рече Лавров.

Кремљ, исто така, го осуди денешниот говор на Макрон, велејќи дека тој покажува дека Франција „сака војната да продолжи“.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека „руската закана постои и влијае на нас и не знае за граници“.

Макрон најави дека следната недела во Франција ќе се одржи состанок на началниците на генералштабовите на армиите на земјите „подготвени да го гарантираат идниот мир во Украина“.

Мирот во Украина „може да вклучува и распоредување европски сили“, рече Макрон, додавајќи дека „тие не би оделе денес да се борат на првите линии на фронтот, но би биле таму кога ќе се потпише мирот за да се гарантира неговото целосно почитување“.

Тој исто така рече дека сака да „отвори стратегиска дебата“ за заштита на Европа со француски „нуклеарен чадор“, но дека одлуката за употреба на ова оружје „отсекогаш била и ќе остане во рацете на францускиот претседател“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ