„Спремни сме да преговараме и со Украина и со Европа, со сите претставници кои со добра намера би сакале да помогнат во постигнувањето мир, но ќе ги прекинеме воените дејства само кога тие преговори ќе дадат цврст и одржлив резултат кој ќе ја задоволи Руската Федерација“, кажа Лавров.
Тој истакна дека Москва приметила дека ставот на многу земји во врска со ситуацијата во Украина станал „пореален“ и дека сега постои разбирање дека е неопходно да се отстранат причините за конфликтот, пренесува агенцијата РИА Новости.
„Не го менуваме својот став и само со задоволство констатираме дека има повеќе реализам во ставовите на многу земји кои сфаќаат дека без долгорочен одржлив договор кој би ги отстранил основните причини за оваа ситуација нема да биде можно да се договори што било“, кажа рускиот министер за надворешни работи.
Тој додаде дека Москва повеќе пати изјавуваше дека нацрт договорите од Истанбул од 2022 година можат да станат решение за Украина.
„Што се однесува до изјавата на Стив Виткоф дека нацртите на овие договори од април 2022 би можеле да бидат користени како основа за украинско решение, јас тоа не го слушнав. Но можам да потврдам дека Владимир Путин, претседателот на Руската Федерација, повеќе пати го кажа тоа, потсетувајќи дека во Истанбул бевме можеби еден час оддалечени од потпишување полноправен договор, но го растури британскиот премиер Борис Џонсон“, кажа Лавров.
Тој констатираше дека Русија планира да ги продолжи контактите со Соединетите Американски Држави, како и дека преговорите во Ријад даваат надеж дека нормален дијалог со американската страна е можен.
Шефот на руската дипломатија кажа дека САД треба да одредат специјален претставник за преговорите за Украина. Лавров додаде и дека оваа недела ќе бидат одржани важни консултации на Русија и САД за нормализација на работата на амбасадите на двете земји.