Централните банки и лани биле моторот на побарувачката, купувајќи нешто повеќе од илјада тони од благородниот метал, и тоа трета година по ред. најмногу злато, според податоците на ВГЦ, купила полската централна банка, обезбедувајќи 90 тони за резервите, а следуваат Индија и Турција.
Од октомври до декември централните монетарни институции на земјите низ светот го засилиле темпото на купување и набавиле 333 тони злато, за 54 отсто повеќе отколку на крајот на 2023 година, пресметал ВГЦ врз основа на пријавените купувања и проценката на останатите трансакции. Инвеститорите, пак, купиле 1.180 тони злато, највеќе во последните четири години.
Централните банки и во 2025 година ќе имаат водечка улога, проценуваат во ВГЦ, а би можеле да им се придружат и инвеститорите, особено ако каматните стапки се намалени и нестабилни, смета аналитичарката на ВГЦ Луиз Стрит: „Главните теми оваа година би требало да бидат геополитичката и макроекономската неизвесност. Златото е инструмент за складирање на богатството и заштита од ризици“, додава Стрит.
Златото лани на физичкиот пазар поскапело 27 отсто, најмногу од 2010, бидејќи инвеститорите биле во потрага по безбеден имот и поради тоа што американската централна банка ги снижи каматните стапки. Денес цените на златото достигнаа ново рекордно ниво поради засилените трговски тензии во односите на Кина и САД.
Во Европа златото на физичкиот пазар поскапе еден отсто, додека на пазарот во САД цената му порасна за 0,7 отсто.