Лајчак изјави дека ЕУ има намера да ги обнови разговорите меѓу Србија и Косово на лидерско ниво по изборите на Косово и оцени дека дијалогот е во подобра состојба отколку кога почна неговиот мандат во пролетта 2020 година, но дека нормализирањето на односите не напредува.
Во вчерашното проштално интервју за Радио-телевизија Србија, Лајчак рече дека ЕУ се подготвува да „почне разговори на највисоко ниво по изборите на Косово“.
„Новата висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, јасно кажа дека ќе биде директно вклучена и дека сака да го води процесот. Се подготвува ставот на ЕУ, предлог за двете страни“, рече Лајчак.
Тој додаде дека неговиот наследник Питер Соренсен, кој, додаде, е искусен дипломат и добро го познава Балканот, ќе биде таму за да ѝ помогне на Каја Калас во оваа работа.
Соренсен ја презема функцијата на 1 февруари, а неговиот мандат ќе трае 13 месеци.
Лајчак рече дека проширувањето се вратило на агендата на ЕУ и дека тоа денес е еден од нејзините приоритети.
„Оваа комисија е комисија за проширување. Таа активно се подготвува за тоа, имаме некои нови инструменти како што се етапна интеграција, план за раст за Западен Балкан“, рече Лајчак, додавајќи дека биле потребни две години за да се убедат партнерите од Западен Балкан дека проширувањето овојпат е навистина сериозна намера на ЕУ.
Лајчак, исто така, рече дека е важно перспективата за влез во ЕУ да биде видлива и дека иако е загубена во последните години, таа се враќа.
Причината е геополитичка, војната во Украина и подготвеноста на ЕУ да ја отвори вратата за Украина, што пак повторно ги отвора вратите и за балканските земји.
Тој рече дека геополитиката „го создаде сегашниот момент, но геополитиката нема да внесе поединечни земји во ЕУ“, а сега прашањето е која земја ќе го искористи тој момент за да ја заврши работата и да влезе во ЕУ „додека вратата е отворена“, бидејќи, како што додаде, вратата „нема да биде засекогаш отворена“.
Тој рече дека наместо да се занимава со нормализација, ЕУ се справува со многубројните кризи и деескалација.
Лајчак призна дека во 2024 година дијалогот ја загубил динамиката и не бил главен приоритет на лидерите во годината што беше изборна и во Европа и во Америка.
Тој не сакаше да шпекулира каков став ќе има администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп кон дијалогот, но рече дека и демократите и републиканците знаат дека европската перспектива е единствената позитивна перспектива за Балканот и дека никогаш не негирале дека нивната улога е да помогнат во тоа и дека очекува така да продолжи и во наредните месеци.
„Важно е да се воспостават контакти на ниво на ЕУ и САД што е можно побрзо и да се постигне договор за заеднички пристап кон Западен Балкан, каде што ЕУ треба да води, од објективни причини, но да може да се потпре на поддршката и разбирање на Америка“, рече Лајчак.
Тој смета дека актуелната политичка криза во Србија треба да се реши со дијалог меѓу домашните актери, покажување добра волја и почитување на демократските принципи на владеење на правото. Тој изрази уверување дека Србија има потенцијал со свои сили да ги реши проблемите и да оди напред.