. Кумановци ќе можат бесплатно да се возат на 26 линии на јавниот автобуски превоз, кој како и досега ќе го субвенционира локалната самоуправа.
Како што информираше градоначалникот Максим Димитриевски, новитет годинава е барањето на превозниците цената за изминат километар да се зголеми. Општината и превозниците се договориле да се зголеми за десет денари. Куманово ќе одвојува 50, наместо досегашните, 40 денари по изминат километар на превозниците.
„Куманово за среќа е еден од ретките градови каде има градски превоз, но е единствен којшто е субвенциониран“, рече градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Тој нагласи дека линиите со мали недоследности одлично функционираат, превозот го користат од 12 до 16.000 граѓани.
Куманово веќе трета година организира бесплатен превоз.
„Општина Куманово одвои уште 37,5 милиони денари за субвенционирање патници во јавниот линиски превоз од јануари до јули 2025 и 3,5 милиони за меѓуопштинскиот превоз до општина Старо Нагоричане“, образложи пред советниците, раководителката на секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска.
Опозицијата реагираше и побара да се субвенционира половина од определената сума, останатите средства да се вложат за други потреби на кумановци.
Бесплатниот превоз го користат жителите од приградските средини, а дел од кумановци сметаат дека е прескап проект кој е во интерес исклучиво на жителите од неколку населби. Дел од граѓаните кои го користат пак велат дека некои ја злоупотребуваат мерката, се возат постојано, создаваат метеж и бараат од превозниците, учениците да имаат предност при користење на превозот во термините кога почнува првата и втората смена во средните и основните училишта од градот. Општината ја правда одлуката како оправдана, укажувајќи дека се ублажила енергетската криза подобрен е на семејниот буџет, намален е на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и мерката има позитивни ефекти во однос на намалување на аерозагадувањето.