понеделник, 16 февруари 2026

Продолжува иницијативата „Подари книга, подари свет“ на Матица македонска

Интересот за приклучување кон иницијативата „Подари книга, подари свет“ на „Матица македонска“ ги надминува очекувањата. Институции, општествено одговорни компании, јавни личности од повеќе сфери на општествениот живот и читатели од сите генерации искажуваат огромен интерес за приклучување кон иницијативата, информираа од издавачката куќа. 

Објавено на

часот

Сподели

Од издавачката куќа велат дека со оваа иницијатива, во саботата, за првпат на ваков начин во Македонија се одбележа Меѓународниот ден на дарувањето книги.

„Но, заради големиот интерес, иницијативата продолжува до крајот на февруари, до кога трае и традиционалниот зимски саем „Книга во секој дом“, со попусти од 35 до 80 проценти. Со ова, за првпат во Македонија и се остварува толку голема иницијатива со масовен интерес за дарување книги, заради што претходно најавената ‘Седмица на дарувањето’ прераснува во ‘Месец на дарувањето книги’, февруари, месец на дарувањето книги во и од Македонија“, велат од „Матица“.

„Матица македонска“ ги повикува и сите други јавни личности, институции и општествено одговорни компании да се приклучат кон иницијативата и дарувајќи книги да придонесат за овозможување пристап до книги во секој дом, во секоја институција и секаде каде што има сегашни и идни читатели.

„Има уште многу институции, здруженија, училишта и заинтересирани средини за македонската книжевност, каде што е повеќе од потребно да се донираат книги за да се овозможи книгата да е присутна секаде каде што е потребна, како влог не само во сегашноста, туку и во иднината. Искажуваме подготвеност и решеност да продолжиме заеднички со сите добронамерници, книгата да ја однесеме секаде каде што има интерес и потреба од неа, што е и дел од мисијата на оваа издавачка куќа уште од нејзиното основање пред 35 години“, велат од „Матица“.

Истовремено, од „Матица“ ги повикуваат и сите граѓани што се во можност да продолжат да се приклучуваат кон иницијативата „Подари книга, подари свет“.

 Годинава, активностите на „Матица македонска“ се и во знакот на големиот јубилеј – 35 години од основањето како прва издавачка куќа во самостојна Македонија, и по тој повод, и изданијата на зимскиот саем „Книга во секој дом“ се со најниски цени досега, до крајот на овој месец.

Од „Матица македонска“ искажуваат подготвеност, до крајот на февруари, месецот на дарувањето книги во и од Македонија, книги да однесат секаде и заеднички со сите јавни личности, институции и општествено одговорни компании што ќе се обратат со желба и подготвеност за приклучување кон иницијативата „Подари книга, подари свет“ и да донираат книги онаму каде што се најпотребни.   

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ