Промоцијата на „Прличев и епската традиција“ од Митевски и чествувањето на 195-годишнината од раѓањето на вториот Хомер ќе се одржи денеска во 19 часот во книжарницата на „Матица македонска“ во Скопје. Промотор на делото ќе биде проф. д-р Ратко Дуев.
Книгата претставува синтеза на повеќестрани, споредбени анализи на двете главни поетски дела на Прличев, „Сердарот“ и „Скендербеј“, во потрага по изворната инспирација на поетот.
Запазувајќи го строгиот научен пристап во истражувањето, Витомир Митевски длабоко навлегува во тајните на творечката поетска лабораторија и открива двојно влијание во овие две значајни поетски дела. Од една страна, тука е добро познатото влијание на Хомер, а од друга страна се издвојува до сега скоро незабележаното влијание на византиската епска традиција. Пристапувајќи му на поетското дело на Прличев од овие два аспекта, авторот остварува продлабочен увид во генезата на ова клучно творештво во македонскиот XIX век.
Манифестацијата „Книга во секој дом“ ќе трае до 15 мај, а овој настан е дел од богатата програма. Покрај промоциите на ексклузивни изданија и средбите со автори, во книжарниците на „Матица македонска“, за над 300 книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст до 70 проценти. Меѓу изданијата што овојпат „Матица македонска“ ги овозможи со исклучителен попуст се и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори. Со цел книгата на македонски јазик, навистина, и натаму да е сѐ поприсутна во секој дом, попустот се однесува и на најактуелни изданија, соопштија од „Матица македонска“.