петок, 30 мај 2025

Повторно „Книга во секој дом“ со „Матица македонска“

Триста наслови со попуст до 70 проценти, средби со писатели и промоции на нови изданија

Објавено на

часот

Сподели

„Матица македонска“ ја продолжува акцијата „Книга во секој дом“ – 300 наслови со попуст до 70 проценти, а меѓу нив и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори. Средби со писатели од сите генерации. Промоции на нови книги. На читателската публика во десет дена ќе ѝ бидат понудени наслови од комплетната домашна и странска продукција. Од 5 до 15 мај ќе се одржи дел од манифестацијата „Книга во секој дом“ што „Матица македонска“ ја организира веќе 26 години. Сите патишта ќе ги водат читателите кон Булеварот на книгите.

Попустот од 30, 50 и 70% ќе се однесува и на најактуелни изданија, со голем избор од илјадниците автори, книги и приказни за сечиј вкус – најбараното и од домашната продукција и од светската книжевност. Романи за сите генерации, семејни приказни, автобиографии, фанстастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, есеистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, книги за деца, енциклопедии, духовна литература, книжевна критика, поезија и разни креативни изданија ќе бидат овозможени во книжарницата на „Матица македонска“.

Читателите ќе имаат можност и да се сретнат и да разговараат со автори и од Македонија, и од странство, при што одделни средби ќе бидат организирани со дел од најчитаните и најреномирани писатели, додека промоциите во книжарницата на Булеварот на книгите ќе бидат посветени на најновите и ексклузивни книги објавени во 2025 година. Меѓу другото, на 6 мај, за првпат пред македонската читателска публика ќе биде промовирана и книгата „Културата и траумата – писмо до бугарскиот пријател“ од истакнатиот хрватски македонист и редок познавач на балканските состојби, Златко Крамариќ.

Во изминатите 25 години со оваа манифестација се успеа да се оствари пораст на бројот на читатели, а македонската продукција да бележи огромен раст и прогрес на интересот за книги на македонски јазик со што домашните библиотеки стануваа сѐ побогати со македонски изданија. Во 2000 година, книгите на македонски јазик биле застапени со само 7% од вкупната продажба, а денес македонската продукција е  застапена со огромни 83%. Бројот на читатели-членови на „Клуб Матица“ покажува дека читателската публика е зголемена и за повеќе од 40 пати.

„Затоа, по оствареното во изминатите години, мотивирани сме и подготвени, годинава, на читателите да им овозможиме низа настани и исклучителен избор на наслови и автори, со вонсериски ниски цени, само со една цел – книга и од најновата продукција на македонски јазик да има во секој дом. Сите настани во рамките на манифестацијата ќе бидат од отворен карактер, и како и секогаш – вратите на ‘Матица македонска’ ќе бидат отворени за сите читатели што ќе дојдат на Булеварот на книгите“, велат организаторите и додаваат акцијата за изданијата опфатени со „Книга во секој дом“, во периодот од 5 до 15 мај ќе важи и за нарачки преку е-книжарницата на „Клуб Матица“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ