Фестивалот трае од 17 до 21 часот, а на отворањето, покрај редовната програма со креативни работилници за деца, публиката ќе има можност да проследи три промоции на книги од македонски автори и илустратори.
Во 18: 30 часот, фестивалот официјално ќе се отвори со промоцијата на сликовницата „Шарен, бистар свет“ на авторката Јелена Никодиноска Чаповска и илустраторката Иванка НиБа, во издание на „Чудна шума“.
Промотор ќе биде Ана Јовковска, а настанот ќе го модерира Билјана Црвенковска. По промоцијата ќе следува читање и работилница со деца на возраст над 4 години.
-Во „Шарен, бистар свет“, главната улога ја има Јана, малечко, бистро девојче кое светот го гледа – матно. Но, кога почнува да носи очила за да гледа јасно, ја задева и исмејува нејзиното другарче од градинка. И тука се поставува главниот предизвик на две нивоа: како да му помогнеме на оној кој не гледа добро, не само со очите, туку и со срцето?…
…Сликовница со ширум отворени очи кон една многу важна, современа, безмалку честа појава денес. Детенце со очила. Детенце кое сака да го гледа светот бистро и јасно, како што налага срцето. А оној што гледа со срцето, тој веќе видел сѐ – вели Ана Голејшка Џикова, рецензент на книгата.
Во 19:30 часот ќе следува промоција на романот за деца и млади „Приказни од Sунливото Море“ на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Наталија Лукомска (во издание на „Чудна шума“), промовирана од Ана Јовковска.
„Приказни од Sунливото Море“ е илустриран роман на писателката Билјана С. Црвенковска наменет за деца над 8 години, кој обработува една особено значајна тема – врсничкото насилство.
Ален е тивко, повлечено момче. Сака да чита книги, да мечтае за далечни земји и голем сон му е да стане славен морепловец. Но, кога треба да се соочи со реалноста – која најмногу се состои од одење на училиште, Ален има голем проблем. И не, проблемот не е учењето, затоа што Ален е одличен ученик.
Најголемиот проблем се Давид и неговата „екипа“, кои не го оставаат на мир. Секојдневните дофрлања, потсмевања и малтретирања прават одењето на училиште да му биде пекол. Но, тогаш, сосема ненадејно, Ален ќе се најде во Sунливото Море. И оттаму почнува една луда авантура која сосема му го менува животот на Ален… а и самиот Ален.
Книгата на овогодинешниот Саем на книга го доби признанието – трето место за „Најкреативно издание меѓу два саема на книга“, признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.
Третата промоција, која воедно ќе вклучува и мини концерт, ќе се одржи во 20:15 часот, а е промоција на креативната сликовница „Хармоника Картоника“ на Неше Рамовиќ и Владимир Лукаш, во издание на „Светулка“. Настанот е наменет и за деца и за возрасни.
Во рамки на трите главни фестивалски денови во МКЦ, ќе се одржат и многубројни креативни работилници: „Куќата на детството“, работилница посветена на оние кои многу одамна биле деца („Гаврош“), потоа „Боите на виножитото“ со авторката Елена Граматикова, „Мишка“ со Билјана Црвенковска и „Потрага по храброст“ со Биљана Стојановска и Владимир Лукаш („Чудна шума“), работилниците „Облеката низ времето“ со Марија Николова, „ Куќичката на 7-те наџуџиња“ со Ана Голејшка Џикова и Иванка НиБа, „Девојчето со форичката“ со Наташа Андонова и „Црното маче“ со Наталија Лукомска („Светулка“), како и работилниците „Приказна за виножитото“ и „Суштествата од дното на океанот“ („Сказнувалка“).
Новитет годинава е што „Чудна шума“ воведува и оф-програма на фестивалот наменета за возрасни читатели (и возрасни млади), книжевни вечери што ќе се одржуваат во кафе-книжарница „Буква“.
Главниот настан, вечерта на 28 мај во 20 часот, е промоцијата на романот за т.н. „возрасни млади“ – „Денови на Блуграс-љубов“ на гостинот на фестивалот, авторот Едвард ван де Вендел. Ван де Вендел е плоден и разноврсен книжевен творец: романи за млади, детски приказни, песни, публицистика, поезија, сликовници, преводи… тој сѐ умее. Тој е и општествено ангажиран и со своите дела им се обраќа на читателите со топлина, без притоа да ја жртвува книжевната вредност на делото.
„Денови на Блуграс-љубов“ е првпат издадена во Холандија во 1999 година и оттогаш доживува преводи на многу јазици и ревидирано издание. Како роман за млади кој веќе се смета за европски класик, но истовремено револуционерен − поместувајќи ги границите и рушејќи ги табуата − сега првпат е достапен и за македонската читателска публика.
Последната фестивалска вечер, во рамки на оф-програмата во „Буква“, ќе се одржи промоција на хаику поетската збирка на Теа К. и Гето Руди – „Шах-мат“, едно креативно издание со две корици кое се чита од две страни – првата дело на авторката Теа К., а другата дело на авторот Гето Руди. Освен што и самата книга е необична, од „Чудна шума“ велат дека „и самата промоција ќе биде едно несекојдневно доживување – една партија хаику-шах – која во никој случај не треба да се пропушти“.
Почнува „Jeс фестивал“, три промоции на книги за деца и млади
Денеска во Скопје, во Младинскиот културен центар, се отвора Јес фестивал – фестивал за книжевноста за деца и детската креативност во организација на издавачката куќа „Чудна шума“, а главниот фестивалски дел наменет за деца и млади ќе трае до 28 мај.

Објавено на
часот