понеделник, 23 февруари 2026

„Нови хоризонти“ со врвниот пијанист Алим Беисембајев во Македонска филхармонија, в четврток

Оркестарот на Македонската филхармонија в четврток, на 26 февруари со почеток во 20 часот ќе го одржи симфонискиот концерт насловен „Нови хоризонти“ на кој како солист ќе настапи Алим Беисембајев од Казахстан, еден од најдобрите млади пијанисти во моментов на светската музичка сцена.

Објавено на

часот

Сподели

Диригент е маестро Емил Табаков, а на програмата се Концерт за пијано и оркестар бр. 1 во бе-мол, оп. 23 од П. И. Чајковски, Суита бр. 2 „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.

Алим Беисембајев ја освои првата награда на Меѓународниот пијанистички натпревар во Лидс во септември 2021 година, изведувајќи ја Рапсодијата на тема од Паганини од Рахмањинов со Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, а ја доби и Наградата на публиката на Medici.tv, како и наградата на Кралското филхармониско друштво на Ливерпул за современа изведба. Toa се само неколку од признанијата за овој извонреден пијанист.

Како актуелен уметник од програмата BBC New Generation Artist (2023 – 2025), Беисембајев доживеа значаен меѓународен пробив со своето деби на BBC Proms, каде настапи со Симфонија на Лондон (Sinfonia of London) под водство на Џон Вилсон, прифаќајќи го настапот со само два дена најава.

Весникот „Телеграф“ за него пишува: „Нема пијанист под 30 години во светот кого би сакал повеќе да го слушам.“

Меѓу значајните оркестарски настапи се вбројуваат концертите со Симфонискиот оркестар на БиБиСи, Филхармонискиот оркестар на Би-би-си, Чешката филхармонија, Симфонискиот оркестар на Барселона, Симфонискиот оркестар на SWR Штутгарт, Националниот симфониски оркестар на Индија, Државниот академски симфониски оркестар на Русија „Евгениј Светланов“, како и Форт Ворт симфонискиот оркестар (САД), меѓу многуте други.

Во сезоната 2024/2025, Алим остварува низа значајни деби настапи, меѓу кои со Симфонискиот оркестар на БиБиСи Шкотска и Филхармонискиот оркестар од Сјамен (со Клавирскиот концерт бр. 1 од Чајковски), Sinfonietta Cracovia (Клавирски концерт бр. 20 од Моцарт), како и со Филхармонијата „Јаначек“ од Острава (Равелов Концерт за лева рака).

Во декември 2022 година, издавачката куќа Warner Classics го објави неговиот деби-албум „Лист: Трансцендентални етиди“, кој ги содржи сите дванаесет етиди на Франц Лист и беше пречекан со одлични критики.

Роден во Казахстан во 1998 година, Алим ги започнал своите музички студии во Purcell School, каде што освоил повеќе награди, меѓу кои и Првата награда на Junior Cliburn International Competition. Учел кај Теса Николсон, со која продолжил да работи и на Кралската академија за музика во Лондон. Во 2023 година ги завршил магистерските студии и Artist Diploma по изведба на Кралскиот колеџ за музика, под менторство на професорката Ванеса Латарш. Неговото уметничко усовршување е поддржано преку бројни стипендии, меѓу кои од Imogen Cooper Music Trust, ABRSM, Countess of Munster Musical Trust, Hattori Foundation, Drake Calleja Trust, како и преку програмата Talent Unlimited.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте.

Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција.

Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. Носител е на престижни награди и како диригент.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ